Кој ќе го поправи ѕидот зад Клиника? Осум месеци поминаа, а тој уште не е саниран

Поминаа 8 месеци откако се урна дел од потпорниот ѕид зад Клиниката за детски болести во Скопје, а тој сѐ уште не е саниран. Ѕидот се урна на 10 јуни лани, и по неколкумесечни преговори која институција е надлежна за интервенцијата, на 31 октомври Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката.

Во преговорите кој е надлежен за ѕидот и кој треба да го санира учествуваа преставници на Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекцискииот совет, Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од Министерството за здравство рекоа дека изготвиле информација до Влада, со која се предвидува повеќегодишна јавна набавка за изведба на потпорен ѕид кај Детска клиника, во вкупна вредност од 18.7 милиони денари, (над 306 илјади евра).

„Иако оштетувањата на ѕидот се настанати заради неисправност на инсталациите за одвод на атмосферски води, имајќи предвид дека станува збор за ограден ѕид на јавна здравствена установа, Министерството за здравство презеде иницијатива да спроведе јавна набавка за изготвување основен проект и да подготви тендерска документација за јавна набавка за избор на изведувач и надзор на работите при што новиот ограден ѕид би се извел согласно донесената планска документација. По усвојување на информацијата на Влада, Министерството ќе подготви тендерска документација и ќе објави оглас за реализација на повеќегодишната јавна набавка. Покрај потпорниот ѕид, предвидено е поставување нови и санирање на постојните инфраструктурни водови, како и соодветно поставување на останатите инсталации“, велат од Министерството за СДК.МК

Од Владата ни одговорија дека „оваа информација сѐ уште е во владина процедура, кога ќе се поминат сите законски предвидени постапки и ќе се обезбедат соодветните мислења од институциите, Владата ќе ја информира јавноста“.

Б.Нестороска

Повеќе…

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close