Лидерката на АфД, Алис Вајдел: „Не сум квир, но сум во брак со жена“

Поранешна инвестициска аналитичарка Вајдел има два сина со својата сопруга родена во Шри Ланка и живее во Швајцарија. Нејзината националистичка партија води кампања на платформа која е антиимигрантска и го дефинира семејството како „татко и мајка кои одгледуваат деца“.

Вајдел, е миленичката на новата американска администрација – добивајќи поддршка од Илон Маск и потпретседателот на САД Венс, а нејзината АфД според анкетите е на второ место пред националните избори во недела.

„Со Алис Вајдел на чело, АфД постојано станува сè порадикална“, изјави Ан-Кетрин Мyлер, експерт за АфД и новинарка на Der Spiegel, еден од највлијателните германски медиуми.

АфД има значителна предност во анкетите пред централно-левите Социјалдемократи на актуелниот канцелар Олаф Шолц, а се наоѓа зад конзервативните Христијански демократи на Фридрих Мерц, кој важи за главен фаворит за следен канцелар.

Овие партии инсистираат дека никогаш не би соработувале со партијата на Вајдел за формирање влада. Сепак, нејзиниот последен успех во претставувањето на АфД како „обична“ партија дојде во неделата, кога учествуваше во телевизиска дебата со своите главни противници, меѓу кои беше и Роберт Хабек, кандидат на Зелените.

Настапот на Вајдел беше оценет како неконзистентен, но таа сепак излезе како победник – за првпат АфД беше поканета на ваква дебата, која ја следеа милиони гласачи. Во еден момент од кампањата, анкетите ја рангираа како најпопуларен кандидат за канцелар, без разлика на партиската припадност.

Но, иако професорскиот настап и личната приказна на Вајдел можеби сугерираат ублажување на партиската линија, нејзиниот начин на изразување не го прави тоа. Таа вети дека ќе ги демонтира ветерните турбини и ќе отпушти професори по родови студии. Говорела за „ремиграција“, термин што го користи крајната десница и кој најчесто се толкува како код за депортации.

„Јасно ставете до знаење на целиот свет: германските граници се затворени,“ им рече на разиграната толпа кога АфД официјално ја номинираше за кандидат минатиот месец.

Во интервјуа за германските медиуми, таа наизменично се појавува како шармантна и остра. Постојано одбива да се дистанцира од најекстремните членови на својата партија, од кои некои го минимизираат Холокаустот и нацистичкото минато на Германија.

„Таа и луѓето зад неа во партијата – и идеолошки се многу блиски до Бјорн Хеке,“ рече Мулер, алудирајќи на лидер на АфД во една од германските сојузни покраини, кој беше казнет од суд за користење нацистичка терминологија.

Во неделата, Вајдел изјави за Bild, најголемиот германски таблоид, дека би го вклучила Хеке во својот кабинет доколку стане канцелар.

Фото: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Вајдел израснала во католичко семејство од средната класа во Харзевинкел, град во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, на западот на Германија. Имала две сестри и дасхунд (германски ловечки пес). Нејзиниот татко бил трговец, а мајка ѝ домаќинка.

Нејзиниот дедо бил член на нацистичката партија и бил назначен за воен судија во окупирана Варшава, објави Die Welt, конзервативен германски дневен весник. Вајдел одговори дека не го познавала дедо ѝ, кој починал кога таа имала шест години, и дека нацистичкото минато никогаш не било тема на разговор во нејзиното семејство.

„Не сум квир, но сум во брак со жена“

Во ноември, Вајдел им изјави на група бизнис-лидери во Цирих дека нејзината безбедносна ситуација станала толку комплицирана, што ѝ било тешко дури и спонтано да излезе на вечера или да оди на танцување со својата партнерка Сара Босард, која е филмска режисерка.

„Неизмерно ѝ сум благодарна на мојата сопруга што го трпи сето ова,“ изјави Вајдел.

Иако многупати била запрашана, таа одбива да објасни како ја усогласува очигледната контрадикција меѓу својот личен живот и визијата за општеството што ја застапува нејзината партија.

„Јас не сум квир,“ изјави Вајдел ова лето во интервју, користејќи го англискиот збор, „но сум во брак со жена што ја познавам 20 години.“

Според експертите, фактот што нејзиниот личен живот отстапува од партиската ортодоксија всушност ја зацврстува нејзината позиција како носител на знамето на АфД и прави партијата да изгледа помејнстрим.

„Вајдел стана лицето на партијата поради нејзината биографија и потекло, но и поради способноста јасно да зборува – дури и кога тоа е без многу емпатија,“ вели Вернер Пацелт, политички научник кој долго време ја проучува АфД.

Нејзиното течно владеење на англискиот јазик ѝ помогна да изгради однос со Илон Маск, милијардерот и поранешен советник на претседателот Доналд Трамп, кој ја интервјуираше Вајдел на својата социјална платформа X.

Во декември, Маск ја изненади партијата кога се појави преку видео врска на голем екран за време на кампањски настан во Хале, каде што ја поддржа АфД и им порача на присутните дека Германците имаат „преголем фокус на вината од минатото“.

Самиот Маск предизвика контроверзии кога, по инаугурацијата на Трамп, даде поздрав што многумина го протолкуваа како нацистички, за време на митинг со негови поддржувачи.

Во текот на интервјуто на X, Маск ја опиша Вајдел како „многу разумна личност“ и ја оддалечи неа и АфД од нацистите. И покрај напорите да се намалат асоцијациите со нацистичкото минато, се чини дека некои верни членови на партијата не ја разбрале пораката. Кога г-ѓа Вајдел се качи на сцената во Хале, толпата започна да скандира парола што беше не премногу суптилна игра на нацистички слоган, „Сè за Германија“, фраза која некогаш била врежана на ножевите на нацистичките јurишници. Таа е забранета во Германија. Толпата ја прилагоди само малку. „Алис за Германија!“ извикаа тие. (Civil Media)

Back to top button
Close