ЕУ ги суспендира санкциите за клучните економски сектори на Сирија

Советот за надворешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за суспендирање на голем број рестриктивни мерки кон Сирија, како дел од напорите на Унијата за поддршка на инклузивната политичка транзиција на земјата и нејзино брзо економско закрепнување, обнова и стабилизација.

– ЕУ има за цел да го олесни ангажманот со Сирија, нејзиниот народ и бизнисите во клучните области на енергијата и транспортот, како и да ги олесни финансиските и банкарските трансакции поврзани со овие сектори, како и оние кои се потребни за хуманитарни цели и за обновата, се наведува во одлуката.

Со неа се суспендираат санкциите поврзани со испораките на нафта, гас и електрична енергија и со транспортниот сектор, а од листата на санкционирани субјекти се отстранети четири сириски банки, како и авиопревозникот „Сириан Араб Ерлајнс“.

Дополнително се укинуваат санкциите за банкарски трансакции поврзани со енергетскиот и транспортниот сектор, за хуманитарни цели, обновата, како за извозот на луксузни стоки за лична употреба во Сирија.

– Советот ќе продолжи со својата работа и ќе процени дали може да бидат суспендирани и други економски санкции. Советот, исто така, ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата во земјата за да се осигура дека таквите суспензии се соодветни, се потенцира во одлуката.

 

По денешната одлука со режимот на санкции и натаму остануваат опфатени трговијата со оружје, стоки со двојна намена, опрема за внатрешна репресија и софтвер за следење и надзор, како и увозот и извозот на предмети од сириското културно наследство.

 

Советот нагласи дека рестриктивните мерки на ЕУ беа користени како алатка против режимот на поранешниот претседател на Сирија, Башар Асад, кој, како што се наведува во соопштението, е одговорен за насилна репресија врз сириското цивилно население.

– Падот на режимот на Асад означува почетокот на новата ера на надеж за сирискиот народ. Сите Сиријци, во земјата и во дијаспората, треба да имаат можност да учествуваат во обновата на својата земја. ЕУ стои крај сирискиот народ во овој момент на транзиција, се додава во соопштението.

Европскиот совет во своите заклучоци од декември 2024 година ја истакна „историската можност за сите Сиријци повторно да се обединат и да ја обноват земјата“, како и важноста на „инклузивен политички процес предводен, кој ги задоволува легитимните аспирации на сирискиот народ“.

Back to top button
Close