За Скопје ќе понудиме програмски решенија и кадар кои ќе го вратат сјајот на градот, вели заменик-претседателката на СДСМ
На новинарска забелешка дека ВМРО-ДПМНЕ успешно се дистанцира од Данела Арсовска, заменик-лидерката на опозициската партија, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели: „Јас не знам зошто тоа го прават успешно кога Данела Арсовска беше нивен кандидат, со нивна поддршка дојде на градоначалничкото место, а опструкциите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот ја блокираа дополнително, суетноста помеѓу централната и локалната власт нè доведен нас како скопјани во една ситуација во којашто градот е преполн со смет, јавниот превоз е сè само не достоинствено и хумано место да се најдат граѓаните. Градот е загаден повеќе од било кога во претходните години, јас би рекла затоа што нема контрола на клучните загадувачи. Градот не функционира, градот културно замира, градот нема никаква програма којашто ја нуди за сопствените граѓани…“

360°: Што ќе биде успех за СДСМ на локалните избори?
Каранфилова-Пановска: Секој резултат што ќе биде подобар, во апсолутни БРОЈКИ, од претходните, е апсолутно успех за СДСМ.
360°: Од претходните парламентарни избори?
Каранфилова-Пановска: Парламентарни избори во апсолутен износ.
360°: На листите на советници би ги броеле?
Каранфилова-Пановска: Само таму може да ги броиме во апсолутен број гласовите, да.
360°: Можно ли е да не освоите ниедно градоначалничко место?
Каранфилова-Пановска: Видете сега, теоретски, јас искрено не верувам и не мислам дека тоа ќе биде случај, но да оставиме да видиме, јас велам ние да работиме.
360°: Бидејќи моделот е немилосрден – мнозински, во изборот на градоначалници, и еден глас повеќе значи победа.
Каранфилова-Пановска: Да, така е, во вториот круг. Мислам дека граѓаните тоа и го докажале. Ако излезете со кандидати коишто нешто значат и тежат во локалната заедница, во смисла на нивна компетенција, на нивен интегритет, работливост и ако излезете со програма што ги отсликува и одговара на приоритетите и потребите на граѓаните, тогаш граѓаните тоа знаат да го ценат кога станува збор за локалните избори. Ќе работиме во тој контекст, да имаме добра програмска и кадровска понуда којашто ќе мобилизира максимален број поддржувачи. Кој ќе биде резултатот, ќе видиме.
360°: Тоа што ќе биде интересно е да видиме прво во Скопје со каква понуда ќе настапите. Потоа, да се види дали и кој од актуелните градоначалници, каде што имате ваши упоришта на локално ниво, ќе добие нова шанса – Крива Паланка, Струмица, го имате Центар… За Скопје до каде стигнавте?
Каранфилова-Пановска: Градот Скопје е посебна приказна или тема што ќе ја третираме посебно и поинаку, зборувам во програмскиот и кадровскиот настап, поради тоа што Градот Скопје, со градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, од којашто тие упорно сакаат да се одлепат…
360°: Ама успешно го прават тоа!
Каранфилова-Пановска: Па, јас не знам зошто тоа го прават успешно кога Данела Арсовска беше нивен кандидат, со нивна поддршка дојде на градоначалничкото место, а опструкциите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот ја блокираа дополнително работата, суетноста помеѓу централната и локалната власт нè доведен нас како скопјани во една ситуација во којашто градот е преполн со смет, јавниот превоз е сè само не достоинствено и хумано место да се најдат граѓаните. Градот е загаден повеќе од било кога во претходните години, јас би рекла затоа што нема контрола на клучните загадувачи. Градот не функционира, градот културно замира, градот нема никаква програма којашто ја нуди за сопствените граѓани…

360°: Но, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е поголем во Градот Скопје отколку на СДСМ, и тоа многукратно поголем.
Каранфилова-Пановска: И сега, апсолутно, на оваа приказна и на ова цунами што е предизвикано во изминативе три и пол години од ВМРО-ДПМНЕ за Градот Скопје, СДСМ ќе работи сериозно на програмски решенија коишто ќе го вратат, ќе понудат решенија за да се обезбеди модерен јавен превоз, чист град, град којшто нуди културни и спортски содржини на своите граѓани, но пред сè да се обидеме да го вратиме сјајот на Градот Скопје како град на солидарноста.
360°: Го знаете ли персоналното решение?
Каранфилова-Пановска: Немаме сè уште ниту за Градот Скопје ниту за другите општини конкретни персонални решенија коишто можам јас да ги извојам. Она што можам да ви го кажам во оваа прилика е дека за сите наши кандидати за градоначалници ќе водиме сериозни истражувања на јавното мислење и анкети коишто ќе ги рангираат и ќе ги ни покажат кои се оние што се најдобрите во средината, ќе ги избереме тие кандидати за градоначалници за коишто ќе успееме да постигнеме највисок консензус меѓу членството и симпатизерите. А апсолутно сме отворени да поканиме и да се одлучиме и за кандидати коишто не доаѓаат од партијата, значи и за некој од независните. Овој процес би требало да заврши до средината на април, така што сметаме дека крајот на април, почетокот на мај би ги имале најголем дел од имињата.