СДСМ денеска ќе му достави документи на Мицкоски за скандалот со Меџити

Опозициската СДСМ најави дека денеска во Владата ќе му достави документи на премиерот Христијан Мицкоски за скандалот со Меџити.

-СДСМ чувствува одговорност да реагира веднаш откако премиерот Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата, велат од СДСМ.

Ова доаѓа откако вчера Мицкоски на прес-конференција рече му верува на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити по обвинувањата од ДУИ за корупција.

-Сите што поседуваат докази за такво нешто кое го тврди ДУИ, ги повикувам, го знаат мојот број. Ако треба, ќе напуштам состанок за да ги предадеме на органите што треба да постапуваат. Во спротивно, морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да се занимаваат со магла. Магла што е оптоварена со зборот корупција, бидејќи тоа беше нивно второ име во минатото, во кое главен атрибут беше трговскиот центар ‘Соравија‘ во Скопје, автомобилите ‘ролс-ројс‘на сватовите, деловните простории на тогашниот потпретседател и шеф на кабинет на Ахмети. Можам цела прес-конференција да посветам за да ги редам нивните скандали, рече Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно и ДУИ преку соопштение рекоа дека и од страна на Државниот управен инспекторат е потврдена злоупотреба на службената должност на Меџити и на неговиот шеф на кабинетот. Оттаму посочија дека доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шема на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.

Back to top button
Close