Законот за средното образование повлечен од собраниска процедура, министерката Јаневска вели дека ќе се доработува
Законот за средното образование утринава е повлечен од собраниската процедура. Како што изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, законот ќе се доработува и потоа ќе биде вратен во Собранието.
– Законот за средно образование нема денеска да помине во Собранието. Утринава го повлеков, Комисијата нема да се одржи. Се уште ќе се доработува тој закон и потоа повторно ќе го вратиме во процедура, изјави Јаневска пред почетокот на настанот на Економскиот факултет во Скопје, на кој беа презентирани резултати од проектот „Skills4Justice“.
Во однос на тоа што предвидува овој закон, Јаневска рече дека тој ќе содржи промени во концепцијата за матурата, ќе има бесплатно учење на оние деца кои се наоѓаат во поправно и казнено-поправните домови, но и бесплатно учење за деца од ранливи категории.
– Ќе има поголема инклузивност, образовни асистенти во средното образование, награди за талентирани ученици, но секако и уште една категорија, а тоа е професионален советник во училиштето. Ова ни е обврска, затоа што се случува децата да залутаат во одредени струки, каде што немаат афинитети, по желба на родителите или по некои други околности. Постојат многу други промени во Законот што се неопходни да се направат, затоа што законот од 1995 година не е менуван. Донесени се незначителни 34 промени. Мораме да менуваме концепции, наставни програми и наставни планови, се она што е неопходно за децата да се стекнат поголемо знаење, да можат на факултетите да постигнат високи резултати и да останат во државата, рече Јаневска.
На новинарско прашање какви промени ќе се воведат во однос на државната матура, Јаневска одговори дека дополнително ќе се воведе гимназиска државна матура, уметничка училишна матура, но и државна уметничка матура.
– Државната матура ќе се менува во однос на тоа што ќе има училишна матура – пазар на труд и стручна државна матура, која ќе значи продолжување во високообразовни установи, но во соодветното поле, подрачје и област како на пример, машинско поле на Машински факултет, електро на Електро факултет. Доколку сакаат на друг факултет, на пример на Економскиот факултет, тогаш ќе мора да полагаат државна матура. Ќе има гимназиска државна матура, уметничка училишна матура, но и државна уметничка матура, за да можат да одат на уметничките факултети и државна за да можат да одат на кој било друг факултет. Разликата е во материјалот што го учеле, бидејќи стручните имаат помалку општо-образовни предмети, појасни Јаневска.
Во однос на можноста за зголемување на партиципацијата што ја плаќаат студентите, министерката рече дека за такво нешто во моментот не се разговара.
– Во однос на партиципацијата, во моментот не дискутираме за такво нешто. Вие знаете дека државата со огромен удел на средства учествува во партиципирањето на студиите на студентите. Значи државата дава простор, дава плати на наставниците кои на студентите им го пренесуваат знаењето, државата плаќа режиски трошоци и тоа е делот што државата го дава за студентите да можат речиси бесплатно да студираат. Во Законот за студентски и ученички стандард ќе овозможиме што е можно повеќе погодности. Без оглед на инфлацијата, партиципацијата на студентите за високообразовните установи не е сменета и во овој момент нема ниту да биде променета, иако стануваше збор дека би можела да биде покачена, тоа нема да се случи, нагласи Јаневска.