Крмов, Груби, Меџити …Антикорупциска казни со по 300 евра актуелни и поранешни министри, пратеници и директори
Борислав Крмов, Артан Груби, Фатмир Меџити, Арбер Адеми, Илир Демири, се само некои од поранешните пратеници, министри и директори кои Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ги казни со парична казна
Борислав Крмов, Артан Груби, Фатмир Меџити, Арбер Адеми, Илир Демири, се само некои од поранешните пратеници, министри и директори кои Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ги казни со парична казна од по 300 евра, соопштија денеска оттаму. Тие објавија листа со над 80 поранешни и актуелни функционери кои го прекршиле законот.
„Во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци. Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, а Комисијата најавува дека ова во иднина ќе биде редовна пракса. Јавно објавените информации ќе бидат достапни во период од две години по нивното објавување, а истите содржат сторител на прекршок, прекршок, опис на дејството кое претставува прекршок и висината на изречена глоба“, соопштуваат оттаму.
Како што се додава во соопштението, преку објавување на овие информации, ДКСК има за цел да ја информира јавноста за да ги охрабри граѓаните и институциите да се придржуваат до правните норми.
„Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата“, се додава во соопштението.
На овој линк се наоѓаат имињата на сите функционери кои ќе треба да платат парични казни