Ле Риголер-Одлуката за гласањето на Северна Македонија за резолуциите беше неочекувана
Одлуката за гласањето на Северна Македонија за резолуциите за Украина за нас беше неочекувана, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер, нагласувајќи дека целта на европската дипломатија е да се одржи унитарноста и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години.
Во изјава на новинарско прашање за тоа дали можеби позиционирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат, Ле Риголер изјави:
„Навистина вие посочувате кон важна тема, за одлуката за гласање на Северна Македонија во Њујорк којашто за нас беше неочекувана. Мислам дека треба да се концентрираме на темата која е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк, за проектот за резолуција. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик. Тоа е тема што бара единствен европски одговор. Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децении за нас и за нашите деца“.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешнополитички приоритети.
„Со овие хаотични и навистина неразбирливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Првпат една македонска влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за истата“, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за денешните забелешки на лидерот на опозициската СДСМ, Филипче, изјави дека коалицијата на СДСМ и ДУИ, „која изминатите седум години не бирала средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се себебогати на грбот на граѓаните“, има најмалку кредибилитет да зборува за меѓународната активност на Владата и релациите со администрацијата на претседателот Трамп.
„И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации“, рече Мицкоски.
Тој појасни дека кога требало резолуцијата да се гласа во Генералното собрание биле поднесени неколку амандмани, најголемиот дел биле одбиени, а еден прифатен, и тогаш предлагачот САД го искористил правото и гласал воздржано. Македонската влада, како што нагласи Мицкоски, била во целосна координација со САД и тие гласале воздржано.