Вучиќ во Бања Лука: Србија останува со Република Српска
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва во Бања Лука дека Србија и тој лично секогаш ќе бидат покрај Република Српска, без разлика каква одлука ќе донесе нејзиното раководство по пресудата против претседателот на РС, Милорад Додик.
– Нема да има никакви ограничувања. Ние припаѓаме на ист народ, а со Декларацијата од Сесрпскиот собор се обврзавме на одредени постапки и нема да се однесуваме поинаку, изјави Вучиќ пред граѓаните собрани пред Палатата на Републиката во Бања Лука.
Тој додаде дека ќе му каже на раководството на РС што мисли дека е најдобро, дали одредени одлуки се избрзани, но дека никого нема да условува.
– Секогаш сум за тоа одлуките да бидат рационални, да бидеме апсолутно смирени, трпеливи и толерантни, и тоа ќе му го пренесам на Додик. Но, една работа е сигурна – нема да вршам притисок врз никого, нагласи Вучиќ.
Тој истакна дека ова е „тежок ден за целата РС, ден во кој е нападната Република Српска и ден во кој се обидуваат да му покажат на српскиот народ дека можат да му судат без суд, да носат одлуки против неговата волја, без право и без правда“.
Претседателот на РС, Милорад Додик, изјави дека Вучиќ е „единствениот искрен и вистински пријател“.
– Доведенa е во прашање нашата слобода. Со ниту еден потег не сакаме да ја загрозиме Србија, но очекуваме разбирање за она што сакаме да го направиме, рече Додик.
Тој додаде дека клучното прашање за РС е зачувувањето на Уставот на БиХ.
„Доволно е да се почитува Уставот на БиХ за ние да останеме во БиХ и да ги отфрлиме сите негови реформи, бидејќи се создава атмосфера дека ние не можеме да останеме во БиХ“, изјави Додик.
Тој најави дека во наредните денови ќе следи акција на властите на РС како реакција на „долгогодишните обиди за ослабување на Република Српска“, пренесува Бета.
Пред Палатата на Републиката се собраа неколку стотици граѓани, кои по доаѓањето на Вучиќ скандираа „Ацо, Србине!“.
Вучиќ и Додик ќе одржат средба, по што ќе следи заедничка прес-конференција