Судот им определи мерки на претпазливост на осомничените по акцијата во затворот во Шуто Оризари
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 10 лица поврзани со акцијата спроведена во КПУ затвор „Скопје“ им определи мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице во судот, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање на определени работни активности, а кои се поврзани со кривичното дело.
Како што информираат од Судот, против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со јавен обвинител, по претходна судска наредба вчера вршеше претреси на повеќе локации во Скопје.
Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, во акцијата се опфатени сегашни и поранешни вработени во затворите, меѓу кои и ексдиректорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андонов – Сокол и заповедникот во истиот затвор Сашо Крстевски – Ѕверот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска побараа СДСМ да го осуди и да го исклучи од членство во Централниот одбор, Филип Андов – Сокол, бидејќи, како што нагласија, од затворот во Шутка направил хотел, а тешки криминалци излегувале кога сакаат