Гаши не прима наредби од Уставен – Собранието ќе го менува Кривичен ако пратениците достават предлог
Собранието ќе ги менува спорните измени од Кривичниот законик кои овозможуваат поблаги санкции за функционерите ако пратениците достават предлог, вели собранискиот спикер Африм Гаши откако Уставниот суд пред две недели поведе постапка за Кривичниот законик и му наложи на Собранието за шест месеци да ги анулира штетните последици од измените на Кривичниот законик.
-Знаеме која е функцијата на Уставниот суд, не сакам јас да им укажувам на тоа. И не знам како дојде до тоа да ни даваат рок. Знаеме дека тие треба да судат околу уставноста на некој донесен закон и нивно целосно право е да донесат одлука за некој закон. Кога ќе донесат одлука, тогаш институциите постапуваат по таа одлука. Додека нема одлука, ние не можеме да постапуваме. Таа тема е сензитивна и сите ние сакаме да дојдеме до Кривичен законик кој ги задоволува сите страни – рече Гаши.
На прашањето дали ова може да се толкува дека Собранието не прифаќа наредби од други институции и дека нема да ги подобрат решенијата во Кривичниот законик и во Законот за електронски комуникации, Гаши рече дека е позната процедурата како се носат и се изменуваат законите.
-Ние постапуваме според нашиот Деловник, а не според акти на другите институции. Во Собранието се знае точно процедурата како започнува законодавната постапка. Еден пратеник или група пратеници треба да дадат предлог, кој се доставува до сите пратеници итн. Кога ќе добиеме допис од некоја институција, ние веднаш ја препраќаме до сите пратеници. Документите од другите институции не седат во мојот кабинет. Ако имавме допис од Уставен суд јас веднаш ќе го доставев до сите пратеници, за да одлучиме што ќе правиме во врска со тоа. Тој дел не е само моја обврска. Ако пратениците постапат, јас сум должен да го почитувам процесот – рече Гаши.
Уставниот суд неодамна изрази сериозен сомнеж за уставноста на Кривичниот закон во целина и донесе одлука да му наложи на Собранието во рок од 6 месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот. Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд.