Гаши за вчерашниот инцидент на Димитриеска Кочоска: Можеме да ги искажеме политичките ставови без да навредиме никого

Сите пратеници мора да се грижиме за достоинството на Собранието, а тоа се прави првенствено преку почитување на едни спрема други. Можеме да ги искажуваме нашите политички ставови без да навредиме никого.

Владата треба да биде внимателна во Собранието како се однесува кон пратениците. Министрите на седницата за пратенички прашања знаат дека доаѓаат да одговараат на пратениците, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите, по вчерашниот инцидент на седницата за пратенички прашања кога министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ја навреди пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска дека нема право да зборува за потрошувачката кошничка зашто нема деца.

-Кога се случуваат пратенички прашања треба министрите и Владата да знаат дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да се почитува Уставот какви ингеренции има секоја институција. Собранието има надзорна функција врз Владата, пратеничките прашања се алатка за постигнување на тој ефек и мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собранието како се однесува кон пратениците – рече Гаши.

Тој додаде дека како претседател на Собранието секогаш повикува на подигнување на политичката култура, однесувањето и на почитување на етичкитот кодекс помеѓу пратениците.

-Сите пратеници мора да се грижиме за достоинството на Собранието, а тоа се прави првенствено преку почитување на едни спрема други. Можеме да ги искажуваме нашите политички ставови без да навредиме никого. Јас повикувам, како што сум повикувал секогаш и ќе продолжам да повикувам сите пратеници да се држат до почитување на етичкиот кодекс. Веќе разговараме и за донесување на нов етички кодекс кој сакаме да го подобриме и сите да се договориме консензуално да го почитуваме и мислам дека ќе работиме сите на надградба и зголемување на политичката култура. Ваквите настани не се мили, не е добро за Собранието, тоа не зборува добро за нас. Се надевам дека вакви инциденти нема да се повторат – рече Гаши.

На прашањето зошто потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, којапретседаваше со собраниската седницата, не реагираше на навредите, Гаши рече дека треба да се реагира кога од говорницата се изнесуваат навреди.

Back to top button
Close