(ВИДЕО) Зеленски на Фокс Њуз: Сакам Трамп повеќе да биде на наша страна
Трамп синоќа го прекина разговорот со Зеленски во Белата куќа, каде требаше да биде потпишан рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини. Американскиот претседател и потпретседателот Џеј Ди Венс истакнаа дека Зеленски покажал непочитување и неблагодарност кон САД.
Зеленски потоа гостуваше на интервју за Фокс Њуз во кое искажа повеќе свои ставови за руската инвазија и односот на САД и Европа.
Некои критичари велат дека Зеленски одбегнувал да даде директен одговор на прашањата, заземајќи дипломатски став и кажувајќи реченици како „Го почитувам американскиот народ и го почитувам претседателот“. Но, Зеленски исто така изјави дека треба да има поотворен пристап кон решавањето на проблемот за војната, како и дека не може да се очекува Украина да го промени ставот кон Русија.
Тој додаде дека очекува поголема поддршка за Украина од САД и претседателот Трамп. Зеленски исто така изјави дека само народот на Украина може да одлучи дали тој ќе продолжи да биде на власт, реагирајќи на изјавата на Греам кој истакна дека Зеленски „или треба да поднесе оставка и да испрати некого да работиме со нас, или треба да се смени“.