Одбележани 111 години Црвен крст на Струга и 80 години Црвен крст на Република Северна Македонија
Под мотото „80 години ние гледаме луѓе“ Општинската организација на Црвен крст Струга вечерва во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ одбележа јубилеј 80 години од основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија и 111 години Црвен крст – Струга.
Честитајќи го јубилејот, генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити истакна дека струшкиот Црвен крст е една од првите организации на територијата на денешна Македонија, формирана во октомври 1914 година.
– Добро е во вакви времиња да ја славиме хуманоста, солидарноста и принципите на Црвениот крст, затоа што како никогаш досега нивното промовирање немале актуелност. Тие се водилка на напредокот и во вакви услови на состојбите во светот има потреба од нивно делување, рече Саити.
Упати благодарност до сите генерации кои се вградени во општинските организации на Црвениот крст и дале придонес за создавање организација со која, како што подвлече, ние денеска се гордееме.
Според него, Црвениот крст е организација, која промовира вредности за почит, создадени во интеракција со луѓето во заедниците и ја прават една од водечките во државата. Нагласи дека се подготвени заедно со волонтерите со поголем мотив да им помагаат на луѓето, да создаваат партнерство и хумани вредности.
– Заедно со вас подготвени сме со поголем мотив да ги гледаме луѓето да им помагаме и да создаваме натамошни пријателства и партнерства кои со соработка ќе ги претвориме во еден дополнителен капитал на општеството, промовирајќи дополнителни хуманитарни вредности и хуманитарни ефекти во заедницата. Подготвени сме да преземеме дел од одговорноста која нам ни припаѓа со цел заедно да работиме и создаваме за да можеме сите државата да ја направиме поубаво место за живеење. Продолжуваме да работиме и да твориме за доброто и за здравјето на луѓето, нагласи Саити.
Во време кога младите мигрираат и нацијата старее, според секретарот на Струшкиот Црвен крст Адуриме Даути, волонтерите во соработка со релевантните институции создават социјални услуги со кои им помагаат на старите, болните и изнемоштените лица и им даваат услуга во нивниот дом со лични асистенти.
– Едуцираме генерации со тоа што им овозможуваме да застанат сами во организацијата и да создаваат проекти. Многу е важно на идните генерации да им оставиме една здрава организација и кога ќе гледаат во минатото ќе се мотивираат како нас, рече Даути.
Претседателот на Црвен крст – Струга Никола Докоски забележа дека во текот на своето постоење организацијата дава континуиран придонес за развојот на општеството и подобрување на животот на населението преку социјални хуманитарни програми, подготвеност и дејство при катастрофи, здравствено превентивни програми, меѓународна соработка и соработка со властите на локално ниво со цел создавање позитивни промени и градење подобро општество за сите. На присутните им порача да останат хумани, да им помагаат на другите, да бидат солидарни и да продолжат да промовираат хумани вредности.
За поддршката што Црвениот крст – Струга ја добива од локалните самоуправи им додели јубилејни признанија на Општините Струга и Вевчани.
Фото: МИА