СДСМ бара од премиерот да ја разреши министерката за финансии

СДСМ денеска на прес-конференција побара од премиерот Христијан Мицкоски да ја разреши министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска за нејзиниот говор на седницата за пратенички прашања.

– Навредите и дискриминацијата на Гордана Кочоска кон пратеничката Петровска и кон сите жени не смеат да бидат затворена тема. Кога министерка јавно ќе изјави дека жена која од одредени причини не можела да има деца нема право да зборува за семејството, тоа не е само навреда. Тоа е понижување. Тоа е ароганција. Тоа е дискриминација. Тоа е нечовечност. И наместо да се извини, да ја признае својата грешка и да поднесе оставка, Кочоска продолжи со напади, обвинувајќи дека некој „глумел жртва“, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Како што наведе Кузеска, разрешувањето на Кочоска ќе биде чин на праведност и на почит кон секоја жена.

– Срамен е молкот и на претседателката Гордана Сиљановска. Зошто не реагира за овие навреди и дискриминации? СДСМ нема да дозволи омаловажувањето да стане новото нормално во државава. Ќе продолжиме да бараме морална одговорност и да се бориме против сите понижувања, дискриминации, омаловажувања и навреди на оваа власт, рече Кузеска.

Back to top button
Close