Расте бројката на истраги, обвиненија и замрзнат имот од Европското јавно обвинителство
– Европското јавно обвинителство (ЕППО) на крајот на 2024 година имаше 2.666 активни истраги, што е 38 отсто повеќе отколку во 2023 година, со проценета штета од 24,8 милијарди евра или 22,5 отсто повеќе од претходната година, покажа денеска објавениот извештај на оваа институција.
Се проценува дека повеќе од половината од проценетата штета, односно 13,15 милијарди евра, е поврзана со прекугранична измама со данок на додадена вредност (ДДВ) со речиси систематско учество на криминални организации, што, според Обвинителството, претставува голема опасност за внатрешната безбедност.
Оттаму наведуваат дека во 2024 година беа отворени 1.500 нови истраги, речиси десет отсто повеќе од една година претходно, со проценета штета од 13 милијарди евра.
Растот на бројот на нови истраги се припишува на подобрената соработка меѓу Обвинителството и релевантните национални органи, како и неговата определба да таргетира криминални организации, особено оние кои се вклучени во измами со ДДВ, но и измами поврзани со фондовите на ЕУ.
Европското јавно обвинителство објави и дека постојаниот раст на бројот на кривични истраги од почетокот на работата на Обвинителството во јуни 2021 година докажува дека распространетоста на криминалот против финансиските интереси на ЕУ одамна е потценета.
Главната обвинителка Лаура Ковеши рече дека по тригодишна работа и „откривањето на нов континент на криминал“, капацитетот на Обвинителството треба да биде прилагоден на реалноста.
Ковеши рече дека Обвинителството и Европол не се добро опремени, како ни даночните и царинските администрации на земјите членки, за да ги поддржат истрагите и дека тука е потребно подобрување на „архитектурата на ЕУ за борба против измамите“.
Во соопштението понатаму се наведува дека Обвинителството во 2024 година обработило 6.547 кривични пријави, за 56 отсто повеќе од 2023 година. Притоа повеќе од 70 отсто од пријавите биле од приватни странки и 27 отсто од националните власти.
Во изминатата година биле поднесени 205 обвиненија, за 47 отсто повеќе во однос на 2023 година, и бил замрзнат имот во вредност од 849 милиони евра, се додава во соопштението на ЕППО.