За високите сметки за струја може да се поднесе приговор до „ЕВН хоум“ и РКЕ, велат од Министерство за енергетика
Од 820 илјади броила во Македонија, во „ЕВН хоум“, во периодот од декември минатата година до јануари годинава, пристигнале 15 000 приговори, но како што информираат оттаму, само 15 отсто од овие пријави се ревидирани според новопрочитана состојба. За останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка
Граѓаните што сметаат дека нивната сметка за електрична енергија е неточна може во рок од 8 дена да поднесат приговор до универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. Во приговорот треба да се наведе бројот на сметка, опис на проблемот и копија од фактурата и да се испрати на електронската адреса [email protected], појаснуваат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Ако „ЕВН хоум“ не одговори во законскиот рок или граѓаните не се задоволни од одговорот, можат да се обратат до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на [email protected] или [email protected], приложувајќи ги документите од постапката со универзалниот снабдувач. РКЕ ќе треба да изврши независна истрага и донесе обврзувачко решение.
Доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, „ЕВН хоум“ е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури. Во случај на негативна одлука, од Министерството велат дека граѓаните имаат право да поведат управен спор.
Според законот, од Министерството појаснуваат дека „ЕВН хоум“ е должно на секои три месеци да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни.
„Од ’ЕВН хоум’ информираат дека околу 85 отсто од броилата се отчитуваат секој месец. Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен. 15 отсто од броилата, во кои влегуваат непристапни, во одделни рурални средини, се читаат два пати годишно. Во период од три месеци, процентот на отчитани броила бил над 95 отсто. За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка, каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци“,се вели во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Од Министертвото велат дека дополнителни информации за постапката како и за сите прашања поврзани со отчитувањата, блоковите и пресметката корисниците можат да најдат на веб страниците на „Електродистрибуција“, „ЕВН хоум“ и на РКЕ.
Во соопштението од Министерството се неведува дека од 820 илјади броила во Македонија, во „ЕВН хоум“, во периодот од декември минатата година до јануари годинава, пристигнале 15 000 приговори, но како што информираат оттаму, само 15 отсто од овие пријави се ревидирани според новопрочитана состојба. За останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка.
До второстепениот орган, РКЕ, пак до крајот на минатиот месец пристигнати биле 345 приговори.
Од Министерството велат дека редовното отчитување на броилата е исто така потребно и додаваат дека граѓаните може сами да ја пријават состојбата на струјомерот онлајн или преку апликацијата на „ЕВН хоум“. Истота може да се направи и на https://evnonline.mk/index/meterdata или https://evnonline.mk/payment/meterdata, [email protected] или [email protected], како и со јавување на телефонскиот број 02 32 05 000.