(ВИДЕО) Тепачка во српскиот парламент, фрлена димна бомба, летаа јајца и шишиња: „Србија се крева за да падне режимот“
Во парламентот на Србија, по усвојувањето на дневниот ред, околу 11:15 часот дојде до судир и фрлање димни бомби, поради што набрзо целата сала беше обвиена во чад.
Опозициските пратеници запалија црвени димни бомби, додека во салата можеше да се забележи и црн и бел чад. Тие, исто така, развиорија транспарент на кој пишуваше „Србија се крева за да падне режимот“ и држеа српско знаме.
Сè започна кога пратениците од опозицијата развиорија транспарент со натпис „Србија се крева за да падне режимот“. Претставниците на владејачкото мнозинство ѝ одговорија на опозицијата со извици „Усташи“ и вееја српски знамиња. Дојде до меѓусебно гаѓање со шишиња со вода, при што една пратеничка е погодена во главата. Салата, како што може да се види од снимките, беше полна со чад.
Една пратеничка превезена со брза помош
„Ќе победат работата и борбата. Добро е што ги покажавте вашите вистински бои. Сакате да дојдете на власт со солзавец“рече Ана Брнабиќ додавајќи дека една пратеничка на СНС, Јасмина Обрадовиќ, била погодена во главата и била пренесена со брза помош.
Брнабиќ ги обвини опозициските пратеници нарекувајќи ги „миленичињата на Албин Курти“.
„Можете само да нè убиете ако сакате да нè спречите да работиме. Можевте да ги однесете јајцата на некое семејство наместо да ги фрлате во беспомошност и ароганција“,рече таа обраќајќи ѝ се на опозицијата.
Десетици полицајци во цивилна облека во фоајето на Собранието
Откако пратениците од опозицијата фрлија димни бомби во собраниската сала, десетици полицајци во цивилна облека, припадници на Единицата за безбедност, пристигнаа во фоајето на зградата.
Новинарите не беа пуштени во салата, додека седницата е прекината, а мирисот на чад се чувствува низ зградата предизвикувајќи иритација на носот и очите, пренесува Нова.рс. Дел од претставниците на опозицијата ја напуштија собраниската сала.