Марш и бојкот за 8 Март – „Нека јадат ружи!”
Марш за женски права ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (сабота). Оваа година маршираме под слоганот: „Нека јадат ружи!”, со почеток во 13:00 ч. пред Универзална сала.
-8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
Овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, Ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот.
На 8 Март повикуваме на бојкот на големите маркети, ланци и трговските центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција. А за да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски.
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас за да му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и да ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден.
По нашето обраќање, се движиме по предвидената рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Марширајте со нас, со почеток во 13:00 часот, дојдете пред Универзална сала или приклучете ни се на некоја од точките на рутата во прилог.
Се гледаме на марш! – велат од платфпрмата за родова еднаквост.
Збирно место – пред Универзална сала. Оттаму се продолжува по бул. „Партизански одреди” и бул. „Св. Климент Охридски” кон Влада на РСМ. Потоа, од бул. „Илинденска” се вклучуваме на бул. „Гоце Делчев” и се движиме по булеварот сѐ до Скендербег, каде се врти десно и се продолжува по ул. „Филип ВториМакедонски” до парк Жена Борец каде завршува рутата и следат говори и обраќања од учесниците.