Костадиновски: Предупредувам дека за еден месец истекува рокот кој му го дадовме на Собранието да интервенира во одредбите за мета-податоци

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски во интервју за ТВ Канал 5 во поткастот „На кавга со Иван Мирчевски” предупреди дека за еден месец истекува рокот којшто Уставниот суд му го даде на Собранието за да направи измени во Законот за електронските комуникации, во врска со трите члена кои опфаќаат задржување на „мета податоци” кај операторите. Костадиновски апелираше дека доколку Собранието не ги донесе измените, постои опасност по безбедноста на државата да нема надлежност да собира од граѓаните мета-податоци, кои се клучни во откривање на евентуални кривични дела.

„За еден месец истекува рокот што му го одредивме за Законот за електронски комуникации. Станува збор за употребата и пристапот на т.н. мета-податоци. Мета-податоци се оние податоци кои секој од операторите е должен да ги чува дванаесет месеци. За секој еден граѓанин. Тоа се податоци за потребите на безбедноста на државата, за докази во евентуална кривична постапка. На пример, мета податок е дека денеска сум се јавил пет пати на тебе, во моментот сум во Бугарија и во Грција. Тоа се многу важни податоци од кои можат да се извлечат заклучоци…со кого комуницирам, со која земја, дали со странски државјани…тоа се многу важни податоци. И не случајно кога ја донесовме одлуката јас кажав на новинарите, му одредуваме на Собранието шест месеци затоа што, како што вели спикерот Гаши „не примал наредби”, во ред, ама ние за еден месец ќе ја донесеме одлуката. Во тој момент нашите безбедносни служби ќе бидат лишени од мета податоците. Но одговорноста, ако се случи не дај боже терористички чин, тогаш нема да ја сноси Уставниот суд, тогаш ќе ја сноси органот кој не постапил. Затоа кажав, ја носиме одлуката за да не настапи правен вакуум. Истото важи и за Кривичниот законик. Замислете ние веднаш да донесевме одлука, се укинуваат/поништуваат одредбите од КЗ. Па нашите служби ќе нема на што да се повикаат кога ќе водат постапки или ќе судат за злоупотреба на службена положба, или злоупотреба на јавни набавки на пример.”

Во врска со овој предмет Уставниот суд информира дека на 14 октомври го испрати Решението со кое поведе постапка за спорните членови од Законот за електронски комуникации, во кое што во 3. Точка од диспозитивот е определен рок од 6 месеци на Собранието за да направи измени и дополнување на законот.

Претседателот на Судот, Костадиновски зборуваше и на други теми поврзани со работењето на Уставниот суд, неговото искуство и кариера пред да стане уставен судија итн. Повеќе детали од интервјуто:

 

 

Back to top button
Close