Касами: Работната група за менување имиња на улиците ќе работи и без учество на СДСМ
Според Касами, работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, најави дека работната група за преименување на улици во општината ќе продолжи да работи и покрај тоа што советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека целосно се повлекува од секоја структура и тело што работи на оваа постапка.
Според Касами, работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови.
„Работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови, а сè додека процесот е во рамките на законот и Уставот ќе продолжи. Не сакам уште еднаш да се политизира за тоа што реков. Јас сум заинтересиран во Тетово секоја улица да има име и секоја куќа да има број“рече Касами на денешната средба со новинарите.
Тетовскиот градоначалник одговарајќи на новинарски прашања повторно одбегна одговор за тоа колку се долговите на Општина Тетово, а се правдаше дека за тоа се потребни информации од централните институции како Народна Банка и Министерство за финансии.
Тој информираше дека парите од унгарската Експорт-импорт банка за општински проекти треба наскоро бидат на располагање.
„Според најавите, парите треба да легнат на државната сметка до крајот на неделава. Еден од проектите е главниот цевковод, пола од тој проект ќе се реализира со овој кредит, за кој веќе се завршени сите процедури. Кога ќе се подобрат временските услови, операторот кој го има добиено тендерот ќе треба да излезе на терен и да ги почне градежните работи, а за другиот дел од водоводот имаме грант од министерството животна средина“рече Касами.
Градоначалникот рече дека до крајот на март како општина ќе завршат и со пријавувањето за кредитот од унгарската Експорт-импорт банка за средства предвидени за 2025 година.
Општина Тетово на 10 февруари го објави повикот за прибирање предлози за преименување на улици што веќе имаат определено име и именување на новите улици. Јавниот повик е објавен на веб-страницата на општина Тетово, а ќе трае еден месец, односно до 10 март годинава