Заканата на Трамп и крајот на окупацијата
Си замислувам како наместо Володомир Зеленски, Бенјамин Нетанхју седи во Овалната соба во Белата куќа. Како Доналд Трамп и неговиот потпретседател ЏД Ванс го напаѓаат Нетанхју пред камерите и како му кажуваат дека неговото одбивање да ја прекине војната во Газа е коцкање со Трета светска војна: „Мораш да бидеш послушен. Твоите луѓе умираат, а ти не сакаш примирје. Јас го сакам. Ти немаш кец во ракавот. Со нас го имаш, а без нас немаш ништо. Прифати го примирјето или ние ја напуштаме играта“.

Си замислувам како речениците кои ги упати Трамп кон Зеленски, всушност ги упатува кон Нетанхју. Буквално такви, од збор до збор.
Сепак, тоа е само мој пуст сон и тие закани не беа упатени кон Нетанхју. И нема да бидат, иако е непоходно.
Но, замислете си таков разговор. Нетанјаху ја напушта Белата куќа во страв, со посивено лице како она на Зеленски, и веќе следниот ден се враќа и тропа на капиите од Белата куќа: подготовен да ја заврши војната во Газа и да ја повлече израелската војска од Појасот. Сите заробеници се ослободуваат, геноцидот престанува.
Без таков разговор, Израел ќе одбере продолжување на војната. Тешко е да се замисли поморбидна визија – бескорисна војна која во следното поглавје станува уште пострашна.
Јавното понижување низ кое помина беспомошниот Зеленски е злоставување кое е типично за луѓе како Трамп и Ванс и кое не е прво од овој вид. Новост е што се случи пред камерите. Освен она „Потпиши се, куче“ што Хосни Мубарак му го упати кон Јасер Арафат на церемонијата на потпишување на Договорот од Каиро во 1994 година, камерите никогаш не забележале таква демонстрација на сила на господарите на светот, или на оние кои се замислуваат како господари спрема своите штитеници.
Треба да му се заблагодариме на Трамп што го покажа сопствениот внатрешен свет во кој нема место за правда, вредности, меѓународно право, хуманост или лојалност. Само моќ и пари, пари и моќ. Но дури и таквиот пристап селективно се применува. Средбата помеѓу Трамп и Зеленски би требало да се случи и со Нетанхју. Секој збор што го изговори Трамп кон Зеленски, важи и за Нетанхју. Сепак, тоа никому не му паѓа на памет. Можеби затоа што на Западниот Брег не се откриени минерали. Но, чекај, што е со „Ривиерата Газа“?
Од гледната точка на Израел и Нетанхју, кои го разбираат само говорот на силата, тоа би можело да биде историски разговор, оној што ја менува играта. Изгледа дека разговорот нема да се случи. Но, штом веќе сонуваме, зошто да немаме поголеми сништа? Огромни.
Замислете си сличен разговор во Белата куќа, а на дневен ред е крајот на израелската окупација. Не постои ниту еден друг начин таа да заврши освен со помош на таков разговор.
Израел нема веќе ниту еден џокер во ракавот, освен американската поддршка. Поради неа, луѓе умираат. Тоа е извор на тензија која го загрозува целиот свет. Нема земја која отворено ја поддржува окупацијата и нема тема која така го соединува светот кој се противи, макар и молчаливо. Тешко е да се разбере на каков американски интерес служи оваа окупација, поради која САД станаа омразени непомалку од нивните штитеници. Тешко е да се разбере зашто таков разговор никогаш не се случил.
Си замислувам како Нетанхју пристигнува во Белата куќа и како Трамп, тој страшен и опасен човек, му се заканува како што му се закануваше на Зеленски. Веќе следното утро ќе започне рушењето на Кирјат Арба и Кирјат Сефер. Пусти сни.
Гидеон Леви
Превод: Филипа Сара Попова
Извор: Peśčanik