Човеку, налути се!
Денко Малески
Дали ќе се прелеат протестите од Белград во Скопје, праша некој. Веројатно не, но ако се прелеат, спремни сме на се, вели македонскиот премиер, не разбирајќи дека вакви демонстрации не се прелеваат. Освен, се разбира, ако на нив не се гледа исклучиво како на американски или европски заговор. Тие, во најголема мерка, се автентичен израз на домашните фрустрации. Не дека македонските и српските фрустрации се различни, но нашите, оние националните, потоа со корупцијата и со правната држава, неодамна беа „извентилирани“ со масовната изборна победа на партијата на власт, па надежите за сериозни промена се уште големи кај населението. Тоа ќе трае се додека и оваа победничка власт на изборите, не падне на испитот на слободата. Мислам дека корените на незадоволството кај младите( и не само кај младите) генерации во Србија и во Македонија се идентични. Пред неколку години ја цитирав мислата на Бенџамин Френклин: „Демократија е кога два волка и едно јагне гласаат што ќе имаат за ручек. Слобода е кога јагнето има инструменти да ја оспори одлуката“. Во цитираното има две лекции. Првата е лекцијата за демократскиот процес кој е добро „уигран“ од страна на партиите. Втората е онаа за слободата (транспарентност, отчетност,плурализам, независно судство,толеранција, слобода на говор) за која толку малку се грижат политичарите на Балканот. Зашто, не завршува се со освојувањето на мнозинство на избори. Некогаш, токму тогаш почнуваат невољите. Своевремено, посредникот во југословенските конфликти во Босна, Ричард Холбрук, се запраша каква е таа демократија која на регуларно спроведени демократски избори им даваат политички легитимитет на националисти, популисти, фашисти…Кусиот одговор би бил дека е тоа демократија со која се укинува или барем се ограничува слободата.
Српските студенти се незадовлни од таква демократија без слобода, од систем во кој јагнето нема инструменти да се заштити од корумпираните волци.Тригерот, капката која ја прели чашата, беше падот на бетонска надсрешница во Нови Сад, која усмрти 15 граѓани. „Човеку, налути се!“, стана паролата која ја обедини земјата околу студентскиот протест. Толку. Студентите не побараа ништо за себе. Во изјава за лондонски „Гардијан“еден студент вели :„Ние се бориме за слобода, слобода која оваа влада ја крши на дневна основа“. „Овој протест, вели студентка, е да им даде надеж на луѓето дека работите ќе се променат. Доста ни е од корупција и од политичари. Корупција нема само во владеачката партија, ја има во сите партии кои сме ги имале до сега. Затоа ние не се бориме против режимот, туку за тоа системот да се промени“. Студентите бараат владеење на правото и промена на системот кој е, велат, трул. Не кажуваат како да се стори тоа, но го изразуваат својот протест.
Не разбирајќи ги чувствата на една нова генерација која бара слобода, претседателот Вучиќ, иако без лош збор за студентите, го прогласи бунтот за увезен и им се закани на демонстрантите, со репресивни мерки.На сите во опозиција, пак, им се закани со нови избори на кои е сигурен дека ќе победи. И, со волшебната национал-популистичка платформа, ќе победии и долго ќе победува, се разбира. На студентите, пак, им е доста од такви „победи“ и такви политичари. За нив сите се корумпирани. За себе велат дека не ги интересира било каква власт, па, во тој дух, немаат ниту водство на протестите, инаку, најголемите студентски демонстрации во Европа после оние во 1968. Нивната парола е „Пумпај“, во ритамот на српските народни кои траат без прекин и го зголемуваат темпото кај луѓето фатени на оро. Оваа млада генерација Срби ги повикува своите сограѓани да им се придружат во протестите против секоја неодговорна власт. И уште нешто многу важно: ги повикува своите колеги демонстранти протестите да бидат мирни и демонстрантите да го расчистат ѓубрето зад себе.