Клековски: Конзилиум проценува дали повредени во пожарот во Кочани треба да бидат транспортирани во странство
Конзилиум работи на целиот список повредени при пожарот во дискотеката, се прави проценка дали да бидат префрлени од Кочани и Штип во Скопје и од Скопје на други место. За сите да бидат згрижени на највисоко можно ниво. Ова го соопшти денеска во изјава за медиумите, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој информираше дека ќе дојдат и странски експерти за изгореници, меѓу кои и од Израел, а имале понуди за помош и од центри за изгореници од Холандија, Италија и Белгија.
-Бидејќи станува збор за опекотини што може да се комплицираат, наредните денови конзилиумот на доктори сметаше дека е добро да се направи место во Скопје за сите пациенти, а најкритичните да се испратат во странство. Тоа што прво тргна оттука од Клинички центар, се три пациенти за болницата Папаниколау во Солун. Голема благодарност и на дипломатите и на лекарите кои овозможија без транспорт, подвлече Клековски.
Пристигнал и авионот од Бугарија, за таму имало осум пациенти, пет покритични и три помалку критични. Со две српски возила за брза помош, кои биле дојдени во Стара градска, ќе биле пренесени пациенти во Ниш. Од Белград требало да пристигнат три возила и авион од Турција, за исто така да пренесат пациенти.
Во „Систина“ имало еден пациент, во „Жан Митрев“ три, на сопствено барање од пациентите. Двете болници ги дале петте возила со интензивна нега на располагање, за транспорт на пациентите.
Министерот за здравство, Арбен Таравари истакна дека повредените пациенти се згрижени, во стабилна и релативно добра состојба, надвор од животна опасност, на Хируршки клиники во моментов имало 25 пациенти, по 24 во Градска хирургија и болницата „8 Септември“, 31 во Штип и 13 во Кочани, или вкупно 117 пациенти. Во меѓувреме, 13 пациенти биле испратени надвор од државата на лекување, за евентуално да нема компликации во тие случаи.
Таравари јавно се заблагодари на повеќето министри за здравство од регионот и подалеку, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Унгарија, Турција и други. По неколку од пациентите ќе биле лекувани во Грција, Бугарија, Турција, Србија.
– Се надевам дека нема да има дополнителни компликации во здравјето на тие што ја преживеаја оваа трагична ситуација, нагласи Таравари.
На новинарско прашање, тој појасни дека критични биле околу 20 пациенти.
– Се потрудивме да ги однесеме, откако ни се понудија во здравствени установи во Солун, Белград, Турција, Софија. Досега 13 се испратени. Другите остануваат тука. Се заблагодарувам на целиот медицински персонал за солидарноста, нагласи министерот.
Таравари рече дека будно се следи состојбата и навремено и соодветно се реагирало, здравствени работници и лекови имало доволно. Реално, не очекувале дополнителни компликации. Околу четири лица се лекувале во приватни установи, на сопствено барање.
Министерот потврди дека и до него имало прашања од загрижени, кои се уште не знаеле што се случило со нивни блиски.
– Телата што не се идентификувани, тоа е веќе работа на Министерството на внатрешни работи, одговори тој.