Петицијата за меѓународна истрага за „звучниот топ“ во Белград ја потпишаа повеќе од 200.000 граѓани
Движењето „Крени-Промени“ покрена петиција со која бара независна меѓународна истрага за употребата на звучен топ (LRAD) против мирните демонстранти во Белград на 15 март 2025 година. За помалку од два часа, петицијата ја потпишаа повеќе од 200.000 луѓе, што претставува силна реакција на јавноста на овој настан.
„Петицијата беше упатена до специјалните известувачи за човекови права на Обединетите нации, како и до претставниците на Советот на Европа и ОБСЕ, а нејзините барања вклучуваат:
– Независна истрага за медицинските, правните и техничките аспекти на употребата на звучни топови,
– Идентификација и одговорност на институциите и поединците кои наредиле, овозможиле или извршиле негова употреба,
– Меѓународни упатства и забрана за употреба на звучно оружје против цивили во мирнодопски околности.
Инцидентот се случи за време на мирниот собир во Белград, каде демонстрантите им оддаваа почит на загинатите на Железничката станица во Нови Сад. Во таа прилика е употребен звучен топ (LRAD), уред кој испушта исклучително силни звучни бранови кои можат да предизвикаат: трајно оштетување на слухот, дезориентација и вртоглавица, губење на рамнотежа и невролошки последици.
„Како што се наведува во текстот на петицијата, звучниот топ е употребен без предупредување и без јасна причина, што предизвикува сериозна загриженост за прекршување на основните права на граѓаните“, се вели во соопштението.
Порталот Нова.рс објави видео кое отфрла секакво сомнение дека српската полиција употребила звучниот топ на вчерашниот протест нс студентите:
Повреда на меѓународните стандарди
Според меѓународните документи, вклучително и Универзалната декларација за човекови права на ОН, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МГППП) и Европската конвенција за човекови права, Србија е должна да им го гарантира правото на мирно собирање и изразување на мислење на своите граѓани. Употребата на средства за принуда кои можат да предизвикаат трајни здравствени последици во мирнодопски околности претставува сериозно кршење на овие норми.
Масовна поддршка од граѓаните
Одговорот на граѓаните на петицијата беше исклучително брз – за помалку од два часа, над 200.000 луѓе изразија поддршка за барањето за меѓународна истрага. Од Движењето „Крени-Промени“ најавуваат дека петицијата ќе биде доставена до меѓународните институции, со јасна порака дека оваа злоупотреба не смее да се прикрива.(racin.mk)