Хрнчирова: Девет европски земји понудија помош по пожарот во Кочани

Eвропската Унија ја покажува својата солидарност по вчерашниот трагичен пожар во Кочани и одговори на барањето на Северна Македонија за активирање на Механизмот за цивилна заштита, информира денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова.

– Ние веднаш реагиравме и понудивме да евакуираме пациенти со тешки изгореници. Девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Луксембург, Унгарија и Норвешка, веднаш понудија помош, а би можела да следи и дополнителна помош, изјави Хрнчирова.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа истакна дека неколку пациенти веќе се пренесени во Унгарија со поддршка од Луксембург, а со поддршка на Романија други се префрлени во Литванија.

– Сега ја координираме идната медицинска евакуација до други земји и нудиме лекување, додаде портпаролката на ЕК.

Европската комисија уште вчера за МИА потврди дека ЕУ добила барање од земјава за помош во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани.

– Би сакале да изразиме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите оние кои се погодени од трагичниот пожар во Кочани, нагласи Хрнчирова.

Back to top button
Close