Добра вест од Анкара – Пет од шест пациенти самостојно дишат

Тим од Министерството за здравство и скопските болници пред малку го соопшти здравствениот биланс на пациентите кои настрадаа во пожарот во кочанската дискотека, со главната информација дека се стабилизирани. Сите пациенти се во релативно стабилна состојба.

Добрата вест денеска стигна од Турција, од болницата од Анкара, каде се згрижени шест пациенти. Кога биле примени сите биле интубирани, а веќе денеска, пет од шест се екстубирани и дишат самостојно, соопшти заменикот министер за здравство, Јовица Андоновски.

Во стабилна состојба се петте пациенти во Грција, соопшти министерот Арбен Таравари, кој претпладнето ги посети.

-Само што излеговме од „Општата болница Г. Папаниколау“ и Воената болница во Солун, сите 5 пациенти примени во овие болница се во стабилна состојба! Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за нивната посветеност и помош!, соопшти Таравари.

Во македонските болници се лекуваат 89 пациенти и сите освен тројца се во Скопје, додека 76 се пренесени во странски болници.

На Токсикологија во Скопје се лекуваат 18 пациенти, меѓутоа, како што соопшти директорот д-р Андон Чибишев, четворица во влошена состојба биле пренесени на интензивно лекување во КАРИЛ.

-Од останатите 13 што останаа на Токсикологија, не сме задоволни од состојбата на уште четворица пациенти кои не се стабилни. Сите примени имаат вдишано чад и изгореници на горните дишни патишта и по телото, соопшти д-р Чибишев.

Примени пациенти по болници: На Пластика – 17 пациенти; ГОБ „8 Септември” – 18 пациенти; Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски” – 12 пациенти; Клиника за токсикологија – 13 пациенти; На КАРИЛ – 14 пациенти и на Детска хирургија – 4 пациенти.

Во текот на ноќта и изутрината направен е медицински транспорт во Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери. Во Хрватска се префрлени двајца, во Атина тројца, во Виена и Словенија по двајца. Во преговори е понатамошен трансфер на пациенти во неколку соседни и европски земји.

Од Министерството најавуваат дека уште неколку пациенти, кои се во потешка состојба, денеска ќе бидат испратени во странство – еден во Словенија и двајца во Полска. (mms.mk)

Back to top button
Close