Анализа по Закон: Зошто Папазов и општина Кочани имаат одговорност?

Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 59 млади лица, а преку 150 беа повредени, покрена бројни прашања за одговорноста на различни институции, вклучително и локалната самоуправа.

Градоначалникот Љупчо Папазов не се појави во јавноста веднаш по настанот, не одржа прес-конференција и не изрази сочувство за жртвите, а следниот ден поднесе оставка преку социјалните мрежи. Овој чин дополнително го зголеми револтот кај граѓаните, кои протестираа пред Општината, барајќи одговори.

Реакции и институционална одговорност

Иако Папазов беше повикан на распит, неговата одговорност сè уште не е формално утврдена. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тој нема никаква вина во работењето на дивата дискотека. Сепак, прашањето останува: дали локалната власт навистина не сноси никаква одговорност или сепак има одговорно?

Според законските одредби, градоначалникот и општинските инспектори имаат директни обврски за надзор на угостителските објекти.

Законот за угостителска дејност јасно предвидува дека градоначалникот води евиденција на угостителите, ги регистрира категоризираните објекти и е должен да доставува извештаи до надлежните државни органи. Тоа е експлицитно наведено во членовите 8, 47 и членот 25 од Законот.

Согласно член 8 од Законот за угостителска дејност, градоначалникот на општината, води евиденција на угостителите кои отпочнуваат со работа на нивното подрачје.

Понатаму, според член 25 од Законот, угостителот е должен часот на започнување на работното време и распоредот на работното време да го пријави на градоначалникот на општината, како и на Државниот инспекторат за труд во рок од 8 дена пред почетокот на вршење на угостителската дејност и пред измената на часот и распоредот на работното време на угостителскиот објект.

Градоначалникот на општината, води евиденција за работното време на угостителскиот објект што работи на подрачјето во нивна надлежност.

Според член 47 од Законот, градоначалникот на општината води регистар за категоризрираните угостителски објекти.

Градоначалникот на општината од 15 јануари во тековната година, за претходната година доставува извод, од регистарот од став 1 на овој член, до органот на државната управа надлежен за работите во областа на угостителството со цел формирање база на податоци на државно ниво.

Градоначалникот на општината, два пати годишно, до 15 јануари во тековната година за претходната година и до 15 јуни во тековната година доставува извештај од извршните промени во регистарот од став 1 на овој член, до органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителство.

Сето ова сугерира дека, доколку постоеле неправилности во работата на дискотеката „Пулс“, локалната самоуправа имала можност и обврска да реагира.

Во Кочани има две диска, летно и зимско и градоначалникот тоа многу добро го знаел.

Каде е одговорноста?

Градоначалникот на Кочани Папазов е избран на 8 ноември 2021 и кадар е на ВМРО-ДПМНЕ. Се зборува во Кочани дека и својата победа и победата на неговата партија биле одбележани во објекти на истиот сопственик.

Доколку општинските институции функционирале како што треба, вакви објекти не би требало да работат без соодветна документација и контрола. Тука се појавува дилемата: дали институциите навистина бараат вистинска правда, или фокусот е на наоѓање „ситни риби“ за покривање на поголеми системски пропусти?

Сè почесто се слушаат гласини дека оваа ситуација е дел од поширока политичка игра, во која одредени лица ќе бидат казнети само за да се спаси владејачката структура. Додека јавноста бара целосна транспарентност, се чини дека одговорноста се распоредува селективно, при што високите функционери од актуелната власт остануваат заштитени.

Локалната самоуправа, преку своите надлежности, игра значајна улога во регулирањето и контролата на угостителските објекти. Недостатокот на навремена реакција во случајот со дискотеката „Пулс“ укажува на потенцијални пропусти во спроведувањето на законите. Потребна е темелна истрага која нема да заврши само со казнување на пониските ешалони, туку ќе ја опфати и целокупната структура на одговорност – од општинско ниво до највисоките државни институции.

Back to top button
Close