Запалени повеќе возила во сервисен центар на „Тесла“ во Лас Вегас

Утринава во сервисен центар на „Тесла“ во Лас Вегас изгореле или се оштетени повеќе возила, а ФБИ не ја исклучува можноста за тероризам, пишува Фокс Њуз.

Во инцидентот оштетени се пет возила, а две се опожарени. Спенсер Еванс, специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, за новинарите изјави дека инцидентот има карактеристики на терористички напад, но сè уште е рано да се направи конечна проценка. Заедничкиот антитерористички тим на ФБИ моментално го истражува инцидентот.

Околу 2:45 часот, полицијата во Лас Вегас примила неколку повици во врска со пожари на сервисната станица. Помошник началникот на противпожарната служба Џенифер Вајат изјави дека пожарите биле ограничени на две возила и биле изгаснати пред да стигнат до батеријата. Иако еден осомничен е снимен со камера, полицијата не ја исклучува можноста дека повеќе лица учествувале во нападот. Се уште не е утврдено кои се сопствениците на оштетените возила.

Основачот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, го осуди инцидентот, нарекувајќи го луд и длабоко погрешен. Тој, исто така, го нарече инцидентот терористички чин

-Ваков вид насилство е неприфатливо, без разлика каде се случува. На оние кои можеби мислат дека вакво нешто е оправдано, па дури и за пофалба, сакаме јасно да им ставиме до знаење дека ова е федерално злосторство. Ќе дојдеме по вас, ќе ве најдеме и ќе ве гониме во целосна мерка на законот, предупреди агентот на ФБИ. Со него се согласи и гувернерот на Невада, Џо Ломбардо.

Од ФБИ, сепак, не сакаа да одговорат на прашањето дали веруваат дека инцидентот е политички мотивиран или дали има некаква врска со администрацијата на Доналд Трамп.

Шерифот Дори Корен, рече дека полицијата верува оти осомничениот се приближил до канцеларијата облечен во црна облека и користел молотови коктели и огнено оружје за да го изврши нападот.

Корен потврди дека полицијата пронашла неактивиран молотов коктел на местото на настанот, како и докази дека осомничениот испукал најмалку три истрели во различни возила „Тесла“. Тој, исто така, додаде дека полицијата верува оти ова е изолиран инцидент во овој момент и дека нема дополнителна закана за јавната безбедност.

Меѓутоа, напади врз канцеларии и возила на „Тесла“ неодамна се случија и во други држави како Калифорнија и Канзас.

Back to top button
Close