Израел продолжи со бомбардирање на Газа, загинаа најмалку 10 лица
Бомбардирањето во Појасот Газа продолжи и во текот на ноќта, при што се пријавени нови воздушни напади изведени од израелската војска во неколку области.
Според извештаите, израелски авиони извеле напади во реонот на Кан Јунис, на југот на Газа, како и на неколку други локации во јужниот дел на градот. Најновите информации говорат за најмалку 10 загинати лица.
Според „Ал Џезира“, извршени се повеќе воздушни напади, при што биле погодени домови и јавни објекти во кои биле засолнети цивили.
Во еден од најжестоките напади, во југозападниот дел на градот Газа, уништена е петкатна зграда. Екипите на цивилната одбрана проценуваат дека во објектот имало најмалку 30 лица во моментот на нападот.
Израелските власти изјавија дека нивната армија цели „само на терористички објекти“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека преговорите за прекин на огнот ќе се одвиваат „само под оган“, додавајќи дека нападите, во кои загинаа стотици цивили, се „само почеток“.