Спокој за настраданите
Траорниот настан од минатата сабота во Кочани, кога од овој наш земен свет си заминаа многу деца да светат како sвезди на небо, болката е сѐ поголема… Децата, младите луѓе се нашите фиданки, најсветото нешто за една земја, причина за радост, љубов и верба во иднина. Трогнат сум и од хуманитарните пориви, човечката големина на нашите соседи, меѓу кои и држави на ЕU, како и Турција, поради нивната желба и подготвеност да помогнат на тешко повредените.

Ја молам јавноста да даде основна почит кон несреќно загинатите млади луѓе и нивните семејства преку медиумски молк во најтраорните денови на неподнослива болка и тага.
Причините за трагедијата, за човечката грешка која е злостор врз недолжни млади луѓе и наши деца и за која што сме сите виновни, јавно ќе ги анализираме по деновите на жалост.
Виновниците, не само за оваа огромна трагедија туку и за многу други девијантни појави во државава треба да ги изнесеме пред лицето на правдата. Институциите на системот мора под итно да почнат да работат многу потемелно и поодговорно во интерес на граѓаните и државата.
На сите ни е одамна јасно дека генезата за заташкувања на пропусти, криење на криминал и корупција е многу одамна имплементирана во системот.
Сочувствувајќи со унесреќените семејства, да им дадеме должна човечка почит на загинатите со молчење и тагување. Вечна им слава!
Трифун Костовски