Путин сака САД да ги признаат сите територии кои Русија ги анектира од Украина
Рускиот претседател Владимир Путин сака американскиот претседател Доналд Трамп формално да признае четири украински региони кои Москва ги анектираше од почетокот на инвазијата на Украина, како и Крим, пишува рускиот весник „Комерсант“.
Повикувајќи се на неименувани извори кои присуствувале на приватен деловен настан со Путин вчера, „Комерсант“ објави дека Путин сака САД официјално да признаат четири региони, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, како дел од Русија, како и Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Русија, иако напредува на бојното поле, не контролира целосно ниту еден од четирите региони. Во замена за признавање, и ако тоа се случи „во блиска иднина“, „Комерсант“ пишува дека Путин ќе се обврзе да не полага право на украинскиот пристанишен град Одеса и друга украинска територија.
На прашањето за извештајот на „Комерсант“,портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска рече дека Путин и Трамп вчера не разговарале за таа идеја. Песков потврди дека Путин вчера разговарал за конфликтот во Украина на состанок зад затворени врати со членовите на руската бизнис елита.
Сепак, Песков не потврди дали Путин на таа средба ја покренал идејата САД да ги признаат четирите региони и Крим.