Видео: Во Штип граѓаните маршираа во спомен на жртвите од трагедијата во Кочани
Вечерва во Штип се одржа собир на кој им беше оддадена почит на загинатите во страотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.
Носејќи фотографии на загинатите штипјани, голем транспарент со натпис „Младината гори“ и други, со натписите: „Секој еден може да биде следен“ и „Бараме правда“, стотици претежно млади луѓе поминаа низ централните градски улици искажувајќи го својот револт и тага поради трагедијата.
Во Штип и вчера се одржа мирен марш на која, според истакнатите транспаренти, граѓаните жалеа по настраданите, но побараа правда и одговорност.
Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по петмина се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Тројца од починатите се малолетни. Повредени се безмалку 200 луѓе, а 101 од најтешко повредените се лекуваат во странство.
.
.