„Да им дадеме простор на тагувањето и на болката – кому колку е потребно. Ова е време на страдање, но и на очовечување на човекот, на оснажување на човечноста во себе
„Да им дадеме простор на тагувањето и на болката – кому колку е потребно. Ова е време на страдање, но и на очовечување на човекот, на оснажување на човечноста во себе. И секој може да се охрабри да се приклучи кон тој процес, по своја мерка и избор, со убав збор, гест, дејствие, грижа за другиот, што ќе ја зајакне и грижата и почитта кон себе си“, вели Лина Ќостарова Унковска, клинички психолог, од Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска.
Нејзините искуства се врзуваат за бегалски кризи, цивилни несреќи со бројни човечки жртви и повреди, но и со несреќата во дискотеката „Парк“ во Скопје пред 30 години. Со неа разговараме за последиците од колективната траума што ја предизвика трагедијата во Кочани и како заедницата, но и медиумите треба да постапуваат во ваква ситуација. „Треба да се претворат во некој што слуша и го почитува правото на другиот, засегнатиот, повредениот, а тоа бара да излезат од своја ‘кожа’, од кожата на својата професионална улога. Не знам дали и колку ќе успеат во тоа, но знам дека, во овие моменти и сега така треба“, вели Ќостарова Унковска во разговор со Республика.
Прво утро по масовното погребување на загинатите во трагедијата во Кочани. Огромна траума на лично ниво, семејствата кои се директно засегнати со загубите, но и на колективно. Што ни се случува?
Ни се случува колективна траума од високи размери, која тешко може да се објасни со сознанијата и искуствата што ги имаме, и лични и професионални, за тоа што е траума. Со ниту едно споредливо искуство. Дури ниту масакрите во војна, бегалските кризи и цивилните несреќи, во кои страдаат голем број луѓе не се соодветни за споредба, затоа што изгубивме издвоена група млади, адолесценти, членови на мала и мирна заедница. Не сме во војна, немаме непријател, за да се фатиме за било што, како повод и изговор. А исходот е поразителен.
Оттука и првите реакции и чекори на справување се разбирливо хаотични, често контрапродуктивни и брзоплети во преземањето контрола. Со еден збор и тие се израз на ужасот, немоќта, неизвесноста и стравот. Дури е чудо, вистинско чудо што сепак е направена брза тријажа и пренос на децата. Се надевам без големи пропусти од медицинските установи, во Македонија и пошироко. Но затоа, цената што поединци ја платија за тоа е често превисока. Го видовме тоа со возачот на Брзата помош, Иле Гоцевски кој ноќта потоа, почина.
Беспомошност, немоќ, ужас, физички болки од стрес, се само првите реакции на директно засегнатите. Крикот за потреба од психолози во Кочани го слушнавме од граѓаните. Какви други потреби сега имаат тие?
Страдањето и физичката болка ќе траат многу подолго од првата реакција на шок и неверување. И зафаќаат многу поширок круг од непосредно засегнатите. Речиси нема човек кој не се поистоветува со настраданите, децата и родителите, по различни основи. Секој може да открие лична поврзаност и да се препознае во улогата на родител, наставник, соученик, пријател, сограѓанин, соработник… Чувствата на загуба допрва ќе се освестуваат, ќе се продлабочуваат до неподносливост, и со тоа ќе треба да научиме да се носиме. Секој поединечно, но и колективно.
Ова е време на тагување, на голема колективна и лична болка и загуби. Во услови на многу измешани чувства и потреба од акција, на прашањето КАКО да се одговори на трагедија од вакви размери и КАКО да се „нормализира“ и преземе животот во свои раце, немаме единствен одговор. Дури и прашање КАКО делува преурането и несоодветно за најголемиот број граѓани преплавени од чувствата.
Единствените што знаат или треба да знаат КАКО се професионалците, стручни во своите професии, и ним треба да им се овозможи пристап. За сите останати, тагувањето, поднесувањето на болката и личниот однос кон силните доживувања, останува да биде вистинскиот пат кон нивната вклученост и учество во справувањето. Болката што се трпи – и се истрпува, како и молкот (но, не и замолчувањето), можат да проговорат многу посилно и поавтентично за нашиот однос и страдање, за нашето учество и сочувство – без декларативност, излитени фрази и флоскули, и докажувања кои сме и колку ни е тешко.
…