Од што се плаши Европа?
Денко Малески
Слушајќи ги европските политичари и следејќи ги новните планови за вооружување, логичниот одговор би бил дека Европа се плаши од Русија. Исфрлени од рамнотежа со наглото свртување на американската политика по доаѓањето на Трамп на власт, „вазалите“ би ја продолжиле војната од која „владетелот“ се откажа. Зошто? Затоа што се обидуваат да спасат образ пред својот електорат и да останат доследни на прокламираната политика за пораз на Русија и враќање на состојбите од пред руската агресија од 22 февруари 2022, како своја цел. Но, ако не беше можно заедно со Америка да се добие војната во Украина, без Америка тоа е апсолутно невозможно. За тоа се свесни европските политичари, како што се свесни дека не држи споредбата на Путин со Хитлер и неговата наводна цел да ја окупира Европа.
Во изминативе три години ипливаа на површина сите факти околу војната во Украина и како оваа земја беше наведена од страна на американската политика во самоубиствена акција против несразмерно посилниот противник. Во обидот да се ослабне ривалската голема сила Америка му вети поддршка на Зеленски за војна до победа, убедена дека моќта на економските снакции и западната оружје ќе ја принудат Русија на капитулација. Шансите за таков исход, се разбира, постеја но тие не се остварија. Русија победи а Украина е уништена. На крајот, победа на Западот можеше да се случи само ако тој интервенираше со свои војници, но тоа би било почеток на Трета светска војна, и тоа нуклеарна. Тоа, да потсетам, е војна во која човештвото би било уништено во рок од само два часа, во размена на 12,000 интерконтинентални нуклеарни ракети кои ги поседуваат САД и Русија. Доколку продолжеше „крстоносната војна“ за демократија на редицата американски претседатели, од Клинтон, Буш и Обама,Трамп во првиот мандат, па до Бајден, веројатниот исход ќе беше токму тоа. Зашто, правилото е прастаро: кога една голема сила е изложена на „егзистенцијална закана“, таа ќе се брани „до смрт“, па секаков вооружен одговор е можен, дури и со нуклеарното оружје на модерниве времиња.
Значи, Европа е свесна дека ако не успеа со Америка да и се спротистави на руската моќ, без неа тоа е апсолутно невозможно. Свесна е и дека приказната за окупација на Европа од страна на Русија и држење во покорност на нејзините народи од страна на Путин ала Хитлер, е измама. Тогаш од што стравува Европа? Европа стравува од повлекувањето на американската моќ од континентот, знаејќи што се би можело да се случи. Оттаму и обидот да го сочува образот пред своите гласачи со декламирање на принципите на меѓународното право и да ја придобие наклоноста на Трамп со планови за енормно зголемување на воените издатоци. Целта е да ја сочува макар школката на НАТО, ако не и неговата американска содржина. А што е тоа што знаат европејците за лошите времињата на отсуство на американската моќ од континентот? Историските книги се полни со податоци. Пишуваат за меѓудржавните ривалитети и непријателства кои ја произведоа Првата а потоа и Втората светска војна и дека тие не можеа да се надминат без американската моќ. Знаат дека можеа да се посветат цели 80 години на својот европски проект наречен ЕУ, само под безбедносниот чадор на Америка и се плашат од неизвесностите кои ги носи крајот на „американската ера“. Европа не можеше да се справи со кризата и војните во Југославија во 1991, кога и беше потребна американската воена сила да наметне мир, а камоли успешно да и се спротистави на Русија денес. Со една реченица, Европа се плаши од својата основна слабост: внатрешните меѓудржавни противречности и отсуство на способност за колективна акција. Тие пукнатини, тоа неединство, особено во критични моменти, ги покриваше американската моќ. Како без неа во иднина? Многу тешко. Затоа, Американците мораат да се задржат во некаков облик на присуство и се што превземаат европските политичари е во таа насока.