Бизарноста на американските царини: Еден клип ја поминува границата шестпати
САД воведоа царини за сите увезени автомобили и делови во износ од 25 отсто што значи дека нема да има возила, дури и оние произведени во САД, што нема да бидат предмет на тарифи. Автомобилската индустрија е сложен процес, во кој се вклучени голем број партнери и подизведувачи. Доволно е да се погледне само еден дел од возилото. Волстрит џурнал го следеше патувањето на еден клип и откри колку е сложена целата приказна.
Започнува со суров алуминиум во Мичиген, што оди во Онтарио за лиење и обработка.
Потоа се враќа во САД на доработка, патува во Мексико за понатамошна дообработка, се враќа во северниот дел на САД во Висконсин за склопување со прстенот и завршува во Мичиген каде што се инсталира во моторот. Тој мотор потоа се испраќа во Онтарио, каде што конечно се става во готово возило за САД или Мексико.
Тоа се вкупно шест меѓународни премини за само една компонента, со шест потенцијални тарифни удари доколку Мексико и Канада се одмаздат и шест потсетници за тоа колку кревки можат да бидат глобалните синџири на снабдување кога политиката ќе се промени преку ноќ.
Волстрит џурнал објави дека дури 24 земји учествуваат во производството на американската класика, пикап Форд Ф-150.
Се склопува во Мичиген и Мисури, но гумите доаѓаат од Јужна Кореја, алуминиумските бандажи од Мексико, полуосовините од Канада…
Според проценките на Cox Automotive и Barclays, тарифата може да додаде околу 3.000 долари на цената на возило од американско производство само поради граничните премини Мексико-Канада.
Додадете уште 400 долари во тарифи за челик и алуминиум, плус се уште растечките трошоци за дополнителни давачки за одредени делови или одмазда од трговските партнери, а цената на автомобилот може да биде многу повисока.
Поддржувачите на тарифите тврдат дека ова ќе создаде работни места со охрабрување на производителите на автомобили да го вратат производството дома. Но, аналитичарите сугерираат дека повеќе може да се инвестира во роботиката и автоматизацијата и дека новите работни места се илузија.
Привремената пауза на мексиканско-канадските тарифи само ја зголемува конфузијата.