„Страшилото“ Балкан и мојот „БалканБалкон”

Речиси секогаш слушам музика додека пишувам. Да пишувате колумна за „страшилото Балкан”, додека ја слушате совршената музика на Бах во „Добро темперираниот клавир”, помага појасно да согледате дека доброто и убавото е сепак посилно од злото и од грдото. Иако во стварноста, онаква каква што таа е денес во светот, сѐ почесто ни се чини дека грдоста и злото ги инфицирале сите пори на животот. Меѓутоа, чудесната музика на Бах нѐ потсетува дека таа ги преживеала сите војни, сите диктатури и трагедии, токму затоа што и во мрачните времиња секогаш имало доволно луѓе за кои творештвото, убавината, добрината и човечкото достоинство биле најважните нешта во животот. Колку и да се чини дека уметноста е премногу кревка за да го победи злото, токму таа во лудилото на војната е често шифрата за надеж, за силата на творештвото и на убавината. Во антивоениот роман на Веркор, „Молчењето на морето”, прелудиумот од „Добро темперираниот клавир” на Бах го свири и младата Французинка и германскиот офицер, кој и самиот е композитор. Бах е за обајцата прибежиштето од војната. Токму таа „тајна шифра” сведочи дека има и една друга димензија во животот, онаа на добрината и на убавината, која, сепак, е вечна, иако во мрачните времиња за многу луѓе станува речиси невидлива. И во филмот на Роман Полански, „Пијанистот”, симболот на надеж е музиката. Преживеаниот еврејски пијанист во урнатините го свири Шопен.

Затоа, слушајќи го Бах, ми стана јасно дека во грдата сегашност во постјугословенскиот простор, сепак, има и денес уметници кои секој ден на студентите им ја приближуваат уметноста на Бах. И секој ден неуморно го свират ова совршено дело, наспроти распаѓањето на сите морални вредности во светот околу нив. За да не се заборави дека постои и убавината и добрината, а не само грдоста и злото. Всушност, тоа што беше „спасено” од духот на Југославија е токму вербата во еманципаторската сила на културата. Неа во постјугословенскиот простор ја сочуваа многу мислители и творци, кои, иако стишени, и понатаму продолжуваат слободно да мислат и да создаваат уметност. И потсетуваат дека добрината и убавината, демократијата и хуманоста се возможни во секој миг, доколку луѓето ги изберат нив, а не лагата и пропагандата, корупцијата и криминалот. Само кога ќе се потсетиме на тоа што би можел да биде Балканот, сознаваме колку е грдо „страшилото Балкан”.

 

Повеќе Запад, отколку Исток

Притоа во менталната мапа на мојата генерација, на родените во Југославија, зборот „Балкан” речиси не постоеше. Тој беше архивски поим, затоа што не беше релевантен за стварноста. Балканот беше само последниот чин од драмата која заврши со Балканските војни. Сликата за нас самите беше онаа на земјата, која за Западот беше последната прозападна држава, зад чии граници беше Источниот блок, кој, поради тоа, во нашата југословенска перцепција не беше ниту Запад ниту Европа. За нас, за генерациите родени во Југославија, немаше друг идеал за вредносна, политичка и културна идентификација освен Западот. А и Западот очигледно во нас, тогашните југословенски граѓани, гледаше повеќе Запад, отколку Исток. Впрочем, во однос на блоковскиот Исток, Југославија беше навистина „Запад”. Дури и Грција во седумдесеттите, пропадната во мракот на диктатурата на воениот режим, не беше веќе светилник на европските цивилизациски вредности.

Кога во раните осумдесетти од приватни причини се преселив во Германија, во Југославија веќе почна времето на тешката транзиција по смртта на Тито. Сите верувавме дека сѐ ќе заврши само со недостигот од кафе, бензин и детергенти за перење. Не помислувавме дека така почнуваат „тектонските” поместувања при смената на парадигмите, на добро или на лошо. И десет години подоцна, пролетта 90-та, додека со мајка ми и сестра ми, кои ни беа дошле на гости во Германија, на радиото секоја вечер со трепет ги следевме извештаите за седниците на прочуеното југословенско Претседателство, никој од нас не сакаше да го изговори незамисливото: дека државата чии државјани бевме, може да се распадне. Нѐ обземаше студенило кога за миг ќе помислевме на времето што ќе дојде потоа. Долго не сакав да верувам дека тоа ќе биде времето на повампиреното „страшило Балкан”.

 

„Најдлабокиот Балкан“

И сликата на мојата германска околина за просторот во кој се родив се промени во мигот кога се распадна Југославија. Тогаш сите почнаа сѐ почесто да го спомнуваат името Балкан, а сѐ помалку името Југославија. „Страшилото Балкан” се појави од мракот на заборавот за Западот како логичен одговор на прашањето зошто овие народи, кои во Југославија живееја во „братство и единство”, одеднаш започнаа со меѓусебни војни. Кога ја снема Југославија, тој простор пак стана недефинираниот и нестабилен Балкан. Сѐ повеќе луѓе во западните општества се уверуваа дека тоа е затоа што на Балканот времето на мирот и демократијата биле секогаш исклучок. Вечни биле само војните и хаосот, затоа што Балканот уште не стигнал во модерното време, во кое живеат западните демократии. За мојата германска околина јас повеќе не потекнуваав од „речиси Западот”, од Југославија, туку од „најдлабокиот Балкан” („aus dem tiefsten Balkan”). Од просторот што е многу далеку од Европа.

Од повреденост и немоќ, во 1997-та го напишав краткиот есеј „Од длабокиот Балкан”, што го објави тогашниот „Утрински весник”, каде што првпат ја опишав мојата слика за „БалканБалкон”, која четири години подоцна опширно ја елаборирав во голем филозофски есеј, со наслов „БалканБалкон”. Во 2001-та го објави списанието „Lettre international”. Како дете ги мешав зборовите „Балкан” и „балкон”. Тоа беше затоа што моите егејски баби велеа „балкан” кога мислеа на „балкон”. Така јас, егејското дете, верував дека „балкан” и „балкон” се идентични зборови. Притоа, Балканот го замислував како голем, висок балкон, што стигнува до небото. Така настана мојата детска слика за „БалканБалкон”, од кој мора да се гледа сиот свет. Мојата слика за „БалканБалкон” ја потресе училиштето, во кое научив дека Балканот не бил балкон, туку полуостровот на кој се наоѓала и Југославија. Тој бил мост меѓу Западот и Истокот, меѓу Оксидентот и Ориентот. Ако не балкон, тогаш барем мост, се тешев потоа. Кога почна агонијата на постјугословенските војни, детската фантазија за „БалканБалкон” за мене стана шифрата за еден поинаков, цивилизиран и демократски Балкан, без призраците од грдото минато.

Откако три децении по распадот на Југославија, во најголемиот број од нејзините некогашни републики се устоличи „страшилото Балкан”, мојата шифра „БалканБалкон” станува сѐ поутописка. И, сепак, во мојата слика за „Балкан Балкон” уште преживува надежта за еден Балкан што не тоне во корупција и криминал, во беззаконие и самоволие, во малограѓански и регресивен дух. Притоа, денес болно сознавам дека мојата надеж и вера во еден „БалканБалкон” не ја изневери Западот, туку луѓето кои, како и јас, беа родени во Југославија. Тие што, како и јас, веруваа во Југославија, во тоа дека таа за европскиот Запад е „речиси Запад”. И тие, како и јас, веруваа дека ние живеевме во Европа. Тие луѓе од генерациите малку постари и малку помлади од мене, како македонски транзициски политичари ја изневерија нашата верба дека ние сме Европа. Многу од нив активно учествуваа во устоличувањето на неправдата. Многу поголем беше бројот на тие што тоа го гледаа, но не се спротивставија, сѐ дури не беше предоцна.

 

Западен Балкан

Трагично е што токму југословенските народи го разбудија „страшилото Балкан”, затоа што по распаѓањето на Југославија повеќе не сонуваа да станат вистински Запад и вистинска Европа, туку секој посака да си го оствари сонот за своја „национална државичка”. Денес на сите им е јасно дека во такви „државички” на балканските народи им е многу удобно, затоа што повеќе не мораат да се мерат со Европа, иако постојано говорат за ЕУ. Слободата која ја ветуваше новото време, ја изневерија токму луѓето кои во Југославија веруваа дека ние припаѓаме на Европа, во мигот кога се предадоа на брзото збогатување, на самоволието, на корупцијата и на криминалот. Тие луѓе се денес лицето на „Страшилото Балкан”. Тоа страшило владее со просторот што остана од бившата Југославија, откако Словенија и Хрватска станаа „средна Европа”. Тој „остаток” Западот, како ЕУ, го нарече „Западен Балкан”. Иронија на историјата е што со тоа Балканот конечно стана целосно „западен”, а не само „речиси Запад”, како Југославија. Со тоа што овој „Западен Балкан” сѐ повеќе се оддалечува од Европа, од нејзината демократија и култура на живеење. Трагично е што во новиот „Западен Балкан” неговите народи не сакаат да излезат од цивилизацискиот, политичкиот и вредносно-културниот мрак во кој добро вирее „страшилото Балкан”. Затоа за мене, секој ден, станува сѐ подрагоцена мојата детска слика за „БалканБалкон” – за еден европски Балкан.

(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close