Кешишев: Mи рекоа да молчам за да не ,,летаат глави”

Влатко Кешишев, еден од обвинетите за киднапирањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска во судница одговараше на прашања на судијата Ивица Стефанов.

Тој раскажа дека бил домар во партијата Десна, на која лидер бил Љупчо Палески. Секој ден спиел таму, освен еднаш во месецот, кога одел во Штип за да го посети синот. Му готвел, правел кафе, но не само на Палчо, туку и на дел од поддржувачите на партијата кои доаѓале во штабот.


Одговарајќи на прашањата, Кешишев уште еднаш во детали објасни како се случиле киднапирањата на Вања и Панче, но и како биле убиени и закопани.

Првично раскажа за денот кога бил киднапиран Панче.

-Сабајлето, кон 7 часот, стигнавме со Палчо од Скопје во Велес. Тој ми кажа да чекам во ,,кангуто”, а тој продолжи пешки, рече Кешишев.

Кога Палчо и Велибор Манев се вратиле од грабнувањето на Панче, рече дека не носеле маски на лицето. Тој посочи и дека не знаел дека се носело и пиштол, се додека не се случило тоа што се случи.

-Откако го грабнаа тргнавме кон местото Рудник. Јас го возев ,,кангуто”, а до мене седеше Велибор Манев. По мене беа Палчо и Боре со ,,цитроенот”.
Застанавме кај местото Кула, Вељо излезе и продолжи кон дупката со двајцата во ,,цитроенот”. Јас бев на далечина од 300 метри. Знам каде беше дупката бидејќи јас ја копав дупката со Вељо, рече Кешишев.

Рече дека останатите тројца се задржале околу 30 минути, а слушнал и истрал.

-Се вратија со ,,цитроенот” и Велибор седна до мене. Ми кажуваше каде да возам. Да свртам кон Катланово и по стариот пат да се вратиме за Скопје. Кога стигнавме кај Маџари, Вељо и Палчо, преку моторолите, се договорија каде да се паркираме. Застанаа и тие со ,,цитроенот”. Палчо го избриша воланот со вд 40 и потоа влегоа во ,,кангуто”. ,,Цитроенот” остана на паркингот, рече Кешишев.

Тој појасни дека не знаел дека Панче ќе биде убиен, бидејќи не се разговарало за убиство, туку само за грабнување.

-Требаше да го чуваат во дупката, додека не ја завршат другата работа. Така се договараа, рече обвинетиот, кој додаде дека Палчо му рекол да не се меша и да не прашува многу.

Потоа тој раскажа за подготовките за грабнувањето на жената од зградата во која живеела и Вања. Првиот обид бил направен на 24 ноември. Мобилните телефони ги оставиле во штабот, а Велибор, Палчо и Боро комуницирале преку мотороли.
Бидејќи обидот завршил неуспешно, се вратиле назад во штабот. Палчо го возел ,,кангуто”, а тие тројца биле во ,,цитроенот”. Кога го оставиле ,,цитроенот” во Маџари, сите се вратиле со ,,кангуто”.

На прашањето што се случило ноќта, пред да биде грабната Вања, обвинетиот одговори:

-Вечерта во штабот дојдоа Велибор и Боро кон 22-23 часот.

Утрото, на 27 ноември, кон 6 часот заминале во Радишани за да го земат ,,цитроенот”, бидејќи претходните денови таму го паркирале од Маџари.

-Велибор, јас и Боре, влеговме во ,,цитроенот”, а Палчо беше напред со ,,кангуто”. Се паркиравме на паркинг, 7-8 метри од влезот на зградата. По грабнувањето, Вељо го возеше ,,цитроенот”. Палчо беше паркиран во близина и продллживме напред. Палчо возеше напред, а ние по него, рече Кишишев.

Тој повтори дека по убиствито на Вања, по наредба на Палевски, на одалеченост од околу 500 метри го фрлил алатот (лопата, ашов и копач), а потоа го запалиле и ,,цитроенот”.

Тој на претходното судење истакна дека иако бил подалеку од девојчето, чувал стража, во еден момент кога се свртел, видел дека Палчо држел пиштол по што слушнал истрел.

На прашањето зошто не се повлекол откако Панче бил убиен, тој рече:

-Бидејќи премногу знаев. Првиот пат ме опомена Вељо, кога ја ископавме дупката. Ми рече за ова никој не смее да знае бидејќи може глави да летаат. Тоа го сфатив како закана и опомена, рече Кешишев.

За лопатата, ашовот и копачот обвинетиот рече дека ги купиле заедно со Палчо од Бит Пазар. Тоа го направиле пред грабнувањата, но не можеше да се сети точно кога.

Мотивот за грабнувањата, како што рече, бил пари.

-Цело време зборуваа за тоа, рече Кешишев.

Тој појасни дека му бил како десна рака на Палчо, за се што му требало да му подаде. (Fokus)

Back to top button
Close