Мицковски отсечно„не“ Меџити “ќе видиме“ на прашањето дали се планира реконструкција на владата пред локалните избори

Дали се планира реконструкција на Владата пред локалните избори наесен е прашање кое денеска на одделни настани им беше поставено на премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“.

Првиот вицепремиер и министер Изет Меџити и премиерот Христијан Мицкоски / Фото: Влада (архива)

Одговарајќи на новинарски прашања во прес-центарот на Владата, премиерот Мицкоски даде кусо и отсечно „не“ на прашањето дали се планира владина реконструкција пред локалните избори. На дополнително прашање какви се односите со коалицијата „Вреди“ која ја сочинуваат партиите на Албанците, Мицкоски рече:

„Коалициски, одлични.“

Паралелно на прес-конференцијата во Владата, истото новинарско прашање му беше поставено и на првиот вицепремиер и министер за животна средина од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, по настан во Министерството.

„Ќе видиме“ рече кусо Меџити.

На прашањето дали не ја исклучува можноста за тоа, вицепремиерот додаде:

„Теоретски да. Ќе видиме, ќе процениме кои се аргументите за и против.“

Изминатите денови во дел од медиумите неофицијално беше објавено дека имало предлози „Вреди“ да донесе одлука за Алијанса на Албанците на Арбен Таравари да си замине од коалицијата и на премиерот да биде предложено да ја отстрани од Владата.

Во врска со ова премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека во јавноста има многу информации и оти би се воздржал од какви било коментари во однос на нив. Додаде дека Владата функционира обединето и единствено.

Back to top button
Close