Сомненија за криумчарење златен накит вреден половина милион евра на скопскиот аеродром, поведена истрага

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, белгиски државјани, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Криумчарење согласно член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, маж и жена од Антверпен, на 6 април пристигнале во земјава со лет од Виена, па избегнувајќи ја царинската контрола на аеродромот, пренеле непријавени стоки – вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711,1 грама и во вкупна вредност од 479.555 евра.

Откако ја поминале пасошката контрола на Аеродромот во Скопје, осомничените поминале на зелениот канал, каде што поминуваат патници кои немаат стока за пријавување, а второосомничениот при селекција од страна на царинскиот службеник бил упатен на преглед на личниот багаж на скенер, каде било забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии за накит и други непријавени предмети. Тој појаснил дека патува со неговата сопруга која е првоосомничена и дека таа ја поминала пасошката контрола. Нешто подоцна осомничената се вратила и при дополнителен царински преглед, во личниот багаж – ранецот кој го носела била пронајдена непријавената стока – златен накит, која и била одземена.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани осомничени за криумчарење на стока која е во вредност од големи размери.

Back to top button
Close