Роми и Синти во Германија: Маѓепсан круг на дискриминација

„Антициганизмот во образовниот систем“ е насловот на студијата објавена во Германија во пресрет на 8 април, Меѓународниот ден на Ромите. Таа покажува дека тие се изложени на мобинг и дискриминација уште од мали нозе.

Има ученици до четврто одделение кои долго време го малтретираат својот врсник, поради што тој се плаши да оди на училиште, а поради неговите чести отсуства, наставниците се закануваат дека ќе го анажираат Центарот за социјална работа и грижа за деца и млади и дека детето ќе биде одземено од родителите.

Има и градинка која на петгодишно дете кое зборува три јазици му дијагностицира задоцнување во развојот и сакаат да го испратат во специјализирана градинка за деца со посебни потреби, иако педијатар не констатирал никакви проблеми со детето.

Во Германија има и училишта кои одбиваат да примаат деца Роми и Синти, или автоматски ги праќаат во специјални училишта, бидејќи веднаш ги поврзуваат со проблеми во семејството.

Ова се само дел од многуте примери наведени во студијата „Антициганизмот во образованието на примерот на училишта и градинки“ објавена од Германскиот центар за известување и информации за случаи на антициганизам.

Гиљермо Руиз, директор на Центарот за известување на случаи на антициганизам
Гиљермо Руиз, директор на Центарот за известување на случаи на антициганизамФотографија: Annika Fuhrmann

„Од сите германски покраини добиваме извештаи за напади и злоупотреба на деца Роми и Синти во градинките и училиштата. Тие вклучуваат вербални и физички напади, дури и случаи во кои децата се систематски тепани. Застрашувачки е тоа што наставниците често не реагираат за да се спречи насилството“, вели за ДВ Гиљермо Руиз, директор на Центарот за известување на случаи на антициганизам. „Училиштето треба да биде безбедно место. Место каде децата се чувствуваат заштитени. Но, тоа често не е така.“

„Наидуваме на ѕид од тишина“

Руиз знае за уште многу вознемирувачки случаи од германските образовни институции: на пример, за девојче кое врсниците го влечеле за коса низ училишниот двор, додека наставничката немо гледала. Или за друго девојче, кое го прашала својот учител дали е вистина дека Синтите и Ромите биле убивани за време на Холокаустот, а тој ѝ одговорил: „Да, точно е. Од нив е правен сапун. И од дедо ти“.

Студијата дава застрашувачка слика за расизмот на кој се изложени децата и младите Синти и Роми. „Ако сте изложени на мобинг и ако сте малтретирани од мали нозе и постојано ви велат дека немате иста вредност како другите, тоа остава последици“, истакнува Руиз. „Ваквите искуства можат сериозно да ја нарушат самодовербата на децата и младите. Затоа некои деца веќе не сакаат да одат на училиште, а потоа ги обвинуваат дека не му даваат важност на образованието. Тоа е маѓепсан круг.“

Руиз, исто така, го критикува, како што го нарекува „системскиот отпор на училиштата“ кон извештаите за дискриминација. „Ниту еден извештај за дискриминација не е успешен досега. Наидуваме на ѕид од тишина и затворен систем“.

Тој повикува на зголемен ангажман и зголемување на бројот на советници во образованието, повеќе наставници на кои децата можат да им се доверат, но и да се воведе „антициганизмот“ како задолжителна тема во едукацијата на наставниот кадар. Ова, на пример, веќе го воведе Министерството за образование во покраината Сар.

„Потребно ни е инклузивно училиште каде што ќе учат за историјата на Синтите и Ромите, за Холокаустот и за денешниот антициганизам. Потребни ни се наставници и професори кои ќе бидат свесни за овие проблеми. А ни требаат и ефективни механизми за поплаки, за да можат родителите да го кренат гласот и да поднесат жалба. И ако се докаже антициганизмот, ќе мора да има последици“, вели Руиз.

Институционалниот расизам станува сѐ посилен поради зајакнување на десницата

Во Ајзенберг, град со околу 11.000 жители во германската покраина Тирингија, заедницата на Ромите и Синтите има комесар кој е достапен 24 часа на ден, седум дена во неделата. Рената Цонкова пораснала во ромско семејство во Словачка, а веќе четири години ја води РомноКер – канцеларијата на сојузната асоцијација на Синтите и Ромите. Таа се грижи за 250 ромски семејства во тој регион.

„Се занимавам со сè – училиште, посети на лекар, барање стан, вработување, пријави на семејства во државните служби за социјална помош и бирото за вработување, па дури и со судски процеси. Секојдневно се борам за интеграција и против расизмот.“

Цонкова е свесна дека во училиштата има многу случаи на дискриминација. „Во едно училиште наставникот ги исфрла децата Роми од наставата затоа што ‘мирисаат непријатно’, а потоа евидентира дека се отсутни. Тоа им создава дополнителни проблеми на родителите.“

Сепак, има и позитивни примери. „Започнавме курс за описменување за децата Роми од Украина во Грајац. Многу мајки сега гледаат дека не мора да се плашат за своите деца кога одат на училиште“.

Рената Цонкова: Ни треба повеќе педагошки кадар и детски психолози
Рената Цонкова: Ни треба повеќе педагошки кадар и детски психолозиФотографија: Privat

Цонкова забележува и дека институционалниот расизам се зголемува со зајакнувањето на десницата, особено во покраините каде партијата Алтернатива за Германија (АфД) има голема поддршка, на пример токму во Тирингија.

„Сѐ повеќе лекари сега отворено изјавуваат дека не сакаат да ги примат Ромите. Исто така,сѐ почесто се слушаат повиците ‘Странците надвор!’. Интеграцијата значи дека вратата е отворена во двете насоки, но за нас таа е затворена“, вели Цонкова.

Првиот Сојузен ополномоштеник за борба против антициганизмот

Мехмет Дајмагулер веќе три години неуморно работи на борбата против расизмот и дискриминацијата на Синтите и Ромите. На 1 мај 2022 година, адвокатот стана првиот ополномоштеник на германската влада за борба против антициганизмот и подобрување на животот на Синтите и Ромите. Не бил изненаден од резултатите од студијата во училиштата и градинките. Тој вели дека расизмот кон Синтите и Ромите во државните институции не е редок.

Мехмет Дајмагулер во мај 2022 година стана првиот ополномоштеник на германската влада за борба против антициганизмот
Мехмет Дајмагулер во мај 2022 година стана првиот ополномоштеник на германската влада за борба против антициганизмотФотографија: Bundesministerium für Familie, Senioren, Frauen und Jugend

„Антициганизмот е длабоко вкоренет во општеството, толку многу што не се ни перципира како расизам. Луѓето кои размислуваат и делуваат расистички тоа го сметаат за нешто нормално. Сите негативни стереотипи кои постојат кај родителите се пренесуваат и на нивните деца”, објаснува Дајмагулер.

Тој, исто така, вели дека генерално е задоволен од неговите досегашни резултати: во декември 2023 година, на негова иницијатива, Бундестагот усвои 27 барања до владата за подобрување на интеграцијата, заштитата и зајакнувањето на заедниците на Синтите и Ромите. Ова го поддржаа сите пратенички групи освен АфД. Покрај тоа, формирана е и Сојузната комисија за борба против антициганизмот.

Дајмагулер смета дека тоа е неопходно поради зголеменото влијание на десницата: „Антициганизмот стана повидлив – од една страна преку Центарот за пријавување вакви случаи, а од друга, поради се посуровиот јазик во општеството, кој се манифестира и кон Ромите“.

Back to top button
Close