Инсинуација: Амбасадата на САД и УСАИД немаат врска со двојното убиство за кое е обвинет Палевски

Ниту амбасадата на САД, ниту УСАИД (УСАИД во моментов не финансира никакви проекти во С. Македонија) не играат „никаква улога“ за презентирање на презумпцијата на невиност како селективна

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат инсерти од две неодамнешни интервјуа на адвокатот на Љупчо Палевски (Јовица Страшевски), дадени за емисиите „Претрес“ на Кристијан Ландов и „Во Центар“ на Васко Ефтов.

Во објавата пишува:

Ако си против сатанско НАТО и педофилска ЕУ тогаш си убиец монструм така ли северџани од територијата наречена СЕВЕРЏАНИЈА. Ако сте против сатанско НАТО и педофилска ЕУ
ете вака можите да бидите монструм убаво гледај те го видеово https://www.facebook.com/share/r/1KdRanagPp/
Проследувајќи ги и двете интервјуа сакам да ги поставам следниве прашања:
1. Кој во државата ги смета овие двајца несреќни случаи за „инфлуенсери” во т.н десен политички блок посебно кај Македонскикиот народ?
2. Кој ги обучуваше како да прават новинарски политички претрес, земајќи во предвид дека и двајцата користат ист агресивен наратив, исти уцени, иста стратегија да го попишманат адвокатот да се откажи од одбраната на Палчо, исти провокации, исто омаловажување на адвокатот, исти морални напади итн?….. читај КАЛЕ и USAID
3. За колку пари прифатија да ја одиграат оваа гнасна улога презентирајќи и на јавноста дека презумпцијата на невиност како и се друго во судството и обвинителството може да биде селективна?
4.Чие е сценариото кое овие двајца се обидуваат да и го презентираат и протнат на јавноста при тоа насочувајќи ја јавноста кон спротивен правец од вистинските сторители? читај USAID и амбасадата на САД на кале.
Се насдевам времето ЧЕ ги стави во местото на историјата согласно нивната делотворност.
Не е вистина наведеното во објавата дека УСАИД или американската амбасада во Северна Македонија имале каква било врска со убиствата и киднапирањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Впрочем, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на 16 декември 2023 година упати остри критики до македонските власти поради градење култура на неказнивост. Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, таа кажа оти институциите биле свесни дека осомничените биле криминалци, но не ги санкционирале. Агелер прилично децидно кажа дека младата Вања ја плати цената што криминалците не биле апсeни и затворани поради нивните претходни злосторства.

Новинарите кои ги прават интервјуата со адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, имаат своја новинарска концепција и слобода да поставуваат секакви прашања, а гостувањето на адвокатот на Палевски не е изнудено, односно тој со своја согласност ја прифатил поканата. Следствено и тој има можност која ја користи во двете интервјуа, да дава одговори на прашањата на новинарите.

Причините поради кои Љупчо Палевски е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не се поврзани со тоа што тој застапувал анти-ЕУ и анти-НАТО ставови во своите политички ангажмани во партијата „Десна“, туку поради тоа што Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против него после 8-месечна истрага на која ѝ претходеше и неговата екстрадиција од Турција. Исто така, во самите обвинителства и во судовите има процедури кои секој обвинтиелен акт треба да ги помине пред воопшто да стигне до судење. Во рамките на тие процедури обвинителните акти се прегледуваат од редица обвинители и судии токму со цел неиздржани обвинителни акти да не стигнат до судење.

Секој во С. Македонија е невин додека не се докаже спротивното, но судењето е јавно и пренесувано од страна на медиумите кои го следат во кривичниот суд преку новинарите. Ова ретко се случува, предмети да бидат пренесувани од сите рочишта со детали, но е очекувано со оглед на тежината на кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите. Поради тоа има и толку многу информации во јавноста за исказите на обвинетите. Сите обвинети и нивните бранители добиваат медиумски простор и јавноста поради мноштвото информативни текстови и детали кои произлегуваат од судењата, има интерес и гради ставови за предметот. Во објавата се прави заговорнички обид да се припише фактот што Палевски е првообвинет за убиствата – на тоа што имал антизападни политички ставови. Меѓутоа, ситуацијата со обвинението не е таква, поточно, крајната одлука ќе ја донесе судот, а Обвинителството, сметајќи дека има доволно докази, обезбеди негова екстрадиција. Постојат вербални докази од рочиштата, каде други обвинети го посочуваат него.

Во објавата се споделува и видео материјал од маска за лице за промена на идентитетот, за да се прошири теорија на заговор односно да се инсинуира дека некој носел таква маска на убиствата. Но, тоа повторно е направено нејасно и не се разбира што е поентата на пласирањето такви видеа.

Не е точно наведеното во објавата дека новинарите се обидувале во двете интервјуа да го пишманат адвокатот на Палевски да го брани својот клиент. Впрочем, самиот адвокат Јовица Страшевски во интервјуата кажува дека ако види доказ против Палевски, сам ќе се откаже од неговата одбрана. Веќе еден адвокат на Палевски се откажа од предметот. Со двете интервјуа, впрочем, му се дава простор на бранителот на првообвинетиот Палевски да ја презентира одбраната на својот клиент. Тие интервјуа се долги, а форматот на емисиите вклучува слобода и за конфронтирачки прашања.

Ниту амбaсадата на САД, ниту УСАИД (УСАИД во моментов не финансира никакви проекти во С. Македонија) не играат „никаква улога“ за презентирање на презумпцијата на невиност како селективна. Во земјата секој е невин додека во суд не се докаже спротивното, но во новинарските формати дозволено е поставување прашања од секаков вид. Дополнително, во објавата без никакви докази се тврди дека „новинарите спроведуваат сценарио за да ја насочат јавноста во спротивен правец од вистинските сторители“ за кои, исто така, невистинито се наведува дека се „УСАИД и Кале“.

Твдрењата за „сатанското НАТО“ и „педофилската ЕУ“ претставуваат теории на заговор, кои Вистиномер ги има дебанкирано и порано. Овде само ќе спомнеме дека сексуалното злоставување на деца во индустријализираните земји, каде што припаѓаат членките на ЕУ е многу пониско отколку во другите делови од светот, како што јавува извештајот на УНИЦЕФ од 2020 година (стр. 57). Вистиномер, исто така, и претходно има дебанкирано теории на заговор околу убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Back to top button
Close