Реакција на Павловска- Циги за вандалскиот чин над споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија

 

„Многу страшно е денес, вандалски дрско и криминално е украден релјефот од бакар и емотивната порака во натписот „Татковината – копнеж на прогонетите”. Но, најстрашно е што скоро никој не реагира а регуларно е пријавено во полиција. Убива таа рамнодушност!“, реагира познатата архитектка Даница Павловска-Циги, откако непознати вандали го уништија споменикот посветен на сеќавањето на страдањата и на егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија во паркот „Жена-борец“, спроти државното Собрание во најстрогиот центар на Скопје.

Споменикот е подигнат во 1988 година, по архитектонско решение токму на Павловска, во рамките на Првата светска средба на децата-бегалци што се одржала од 30 јуни до 3 јули 1988 година.

На 9 април беше украден релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, откорнати се бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“ и украдени се околу 10 метри метални цевки поставени во фонтаната која е дел од споменикот. Оштетени се и неколку мермерни плочи поставени околу споменикот.

„Спомен-белегот е композиција на монолит потопен во вода која од предната страна представува мирно огледало, а од задната клокоти симболизирајќи живот. Во водата се огледува релјеф кој претставува мајка страдалник со своите три деца, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и најмилите, а всушност е реплика на еден инспиративен фото запис во уметничко дело на скулпторот НАСО БЕЌАРОВСКИ. Подоцна е додаден на задната страна на монолитот амблем и текст по избор на Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија“, вели Павловска, изразувајќи огорченост од негрижата на институциите за споменикот и од отсуството на нивна реакција по вандалскиот чин од пред неколку дена.

Вандализмот и кражбата се пријавени во полиција. Јавно не се огласи ниту една од институциите задолжени за заштита на спомен-обележјата.

Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и од премиерот Христијан Мицкоски побара виновниците за овој чин да се пронајдат, а споменикот да се обнови.

Реагираше и здружението „Мирка Гинова“ од Штип, нарекувајќи го вандалскиот чин „насилство врз судбината на децата-бегалци и нашата колективна меморија“.

„На кого му пречи споменикот на децата бегалци? На кого му пречи споменот за 28.000 украдени детски животи? На кого му смета вистината за децата од Граѓанската војна во Грција, македонски деца, насилно одделени од своите мајки и татковци, без право на враќање, без право на сеќавање? Споменикот на децата бегалци не е само камен, тој е сведоштво за неправдата што никако не смееме да ја заборавиме. Секој вандалски чин кон овој споменик е обид да се избрише историјата, да се замолчи болката и да се ревидира вистината. Ова не е само уништување на спомен-обележје, ова е насилство врз нивната судбина, како и врз нашата колективна меморија. Бараме одговорност, бараме почит, бараме достоинство за децата кои никогаш не добија втора шанса“, велат од здружението.

Целата реакција на следниот линк

Back to top button
Close