Вјоса Османи: Судан ја призна независноста на Косово
Претседателката на Косово Вјоса Османи денеска соопшти дека Судан ја признал независноста на Косово.
Османи на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија се сретна со министерката за надворешни работи на Судан, по што на социјалната мрежа Икс објави дека се договориле за воспоставување дипломатски односи.
„Ви благодарам во името на народот на Република Косово. Ова е почеток на прекрасно партнерство“, напиша таа.
Признавањето од Судан доаѓа по признавањето на Косово на 26 март од Кенија.
Според податоците на Министерството за надворешни работи на Косово, Судан е 119-та земја која досега го признала Косово.