Новиот градоначалник на Кочани: Состојбата во општината е хаотична. Aпел до владата и другите општини да помогнат!
Новиот градоначалник на Кочани, Венко Крстевски во својата прва прес-конференција вели состојбата во локалната управа и во самата општина е алармантна.
-Една од првите одлуки што ќе ја потпишам е 3 милиони денари за несреќата во Кочани. Состојбата во локалната управа и во самата општина е алармантна. Затечена е хаотична состојба со нецелосни проекти. Таква е и во комуналното претпријатие, не се знае дали имаме директори, немаме технички директор. Катастрофална е и состојбата со човечките ресурси и во пожарната, потребниот минимум е 32 пожарникари а ние имаме 16. Едноставно целата ситуација е таква каква што е, вели новиот в.д. градоначалник Венко Крстевски.
Со решавање на кадровската состојба во КЈП „Водовод“ ќе направиме тоа да биде функционално. Алармантна е состојбата и со дивоградбите со што е нарушена и безбедноста во градот. Најавувам сериозна борба и кривични пријави против незаконските градители, без толеранција и без отстапки кон никого, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.
Упати апел до градоначалниците од другите општини и до Владата за помош и поддршка за Општина Кочани.
Венко Крстевски беше избран како независен советник од Советот на општина Кочани како привремено шестмесечно решение до следните локални избори, откако градоначалникот Љупчо Папазов си поднесе оставка, пред да биде уапсен и притворен по пожарот во дискотеката „Пулс“ кој однесе 61 живот.