Добиле одобрение за кров, а си преградиле за четири нови станови во Козле, утврдила инспекцијата на Општина Карпош

Наместо кос кров за да не им тече во становите, си го преградиле просторот на четири дела со инсталации за кујни и тоалети. Ова го констатираше инспекторатот на Општина Карпош во Козле

„На лице место е констатирано дека дел од станарите добиле одобрение за поставување на кос покрив заради наводно течење на кровот, затоа што имаат рамна плоча, иако се работи за нова зграда. Од увидот на лице место е констатирано дека настрешницата не е изведена согласно одобрениот проект од страна на секторот за урбанизам на општина Карпош. Констатирано е дека просторот е поделен на четири дела, со подготовки на инсталации за кујни и тоалети. Увидот јасно покажа дека направен е груб обид да се добијат уште четири стана и практично уште еден кат плус во објект П+2+Пк. Инспекторот направи записник. Ќе се донесе решение за уривање, или граѓаните сами да ја отстранат оваа подготовка за четири нови станови“, велат од Општина Карпош од додаваат:

Исто така е направена контрола и во гаражите и таму се констатирани градежни активности спротивно на одобрението за градба.
Општина Карпош ги замолува сите граѓани, особено во новоградбите, да не влегуваат во вакви авантури. Ни малку не не’ прави среќни тоа што некои потрошиле десетици илјади евра, го прекршиле законот и одобрението за градба и практично тие пари ќе бидат фрлени во ветер. Уште еднаш ги замолуваме граѓаните, да не не’ доведуваат во вакви непријатни ситуации, изведбите на проектите да ги прават строго според одобрението за градба, да не излегуваат ван нив и да ги почитуваат правилата што ги пропишува општина Карпош.
Општина Карпош во наредниот период ќе продолжи со инспектирање на веќе изградени згради, а прекршителите ќе сносат законски санкции. Следна за инспектирање е зграда на улица Никола Парапунов односно, гаражниот простор.

Back to top button
Close