Љутков: Го враќаме брутализмот како архитектура која треба да се одбележи како културно наследство
Ние денес го враќаме брутализмот како архитектура која што треба да се одбележи, како културно наследство. Знаете дека Поштата е значајно културно наследство во Македонија. Ако зборуваме дека претходната Влада го славела брутализмот, а го негирала бронзеното време или она што се правело до 2017 година ќе видите дека во тие седум години Поштата требало да се претвори во некаков бар, којшто не прилега за таков простор, изјави вечерва министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Скопје преку брутализмот можеше да донесе сосема нова димензија и култура, рече Љутков во неговото гостување на „Вин Вин“ на телевизија Телма, бидејќи, како што рече, се работи за културна престолнина во која што навистина има што да се види. За тоа што дел од бруталистичките градби беа прикриени со проектот „Скопје 2014“, Љутков рече дека не го оправдува, но „нештата може да се сменат и вратат на првобитниот изглед, бидејќи се само прикриени, но не и уништени како олеснителна околност“.
Истакна дека потребни се законски измени во делот на културното наследство, како и национална стратегија за сите објекти кои се под заштита, бидејќи како што рече, во последните години има загрозување и уништување на културното наследство.
– Нашето културно наследство конечно ќе мора да го презентираме, затоа што 30 години наназад имаме истурање пари во културното наследство, но никогаш не може да му го видиме комплетниот лик. Затоа ние денес разговараме за законски измени да може да се отвори структурата како владини институции нашето културно наследство да го дадеме на приватниот сектор за да може да прави бизнис од него, рече Љутков.
Посочи дека еден од главните проблеми е непостоењето на инфраструктура до објектите и местата кои спаѓаат под културно наследство, посочувајќи го Кокино како пример каде нема струја. Решението, вели Љутков, за издигање на културното наследство е менување на законот којшто ќе му овозможи на приватниот сектор да може да прави бизнис од него и на тој начин да се материјализира целата работа.
– На тој начин со приватно јавно партнерство може да се материјализира целата работа. Целиот свет се отвори на тој начин, а само ние останавме да го штитиме и да го затвораме. Јас ќе жалам ако сега не ги отвориме законите и не направиме промени, вели Љутков