Членките на ЕУ се согласија волците повеќе да не бидат „строго заштитени“ животни

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) даде зелено светло за промена на статусот на волците во Унијата, со што европското законодавство се усогласува со измените на Бернска конвенција.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со постигнатиот договор во Корепер се менува Директивата за живеалишта на животи на ЕУ, со што статусот на волците од „строго заштитени“ се менува во „заштитени“ животински видови.

Според Советот на ЕУ, целта на овие измени е „да се обезбеди поголема флексибилност во управувањето со популациите на волци во земјите членки на ЕУ“, со тоа што ќе се подобри коегзистенцијата, ќе се минимизира влијанието на зголемената волчешка популација и ќе се намалат социо-економските предизвици.

– Иако волците повеќе нема да бидат под статус на строго заштитени видови, земјите членки сепак треба да обезбедат поволен статус на зачувување на волците и да применуваат мерки за следење на состојбите што може да резултира со привремени или локални забрани за лов. Покрај тоа, финансирањето и поддршката од ЕУ се уште ќе бидат достапни за мерките за превенција, а во сила останува и државната помош за обесштетување на погодените земјоделци. Сепак, земјите членки се уште имаат можност да го третираат волкот како строго заштитен вид во нивното национално законодавство и да имаат построги мерки за негова заштита, посочи Советот.

За таа цел Комисијата ги поканува локалните заедници, научната фела и сите заинтересирани страни до 22 септември 2023 година да достават ажурирани податоци за популацијата на волци и нивните

Измените на статусот на волците од „строго заштитени“ во „заштитени“ животински видови ги предложи Европската комисија минатиот месец, иницирајќи промена на анексите IV и V од Директивата на ЕУ за живеалишта на животните, заради нејзино усогласување со ажурираната верзија на Бернската конвенција на Советот на Европа, што стапи во сила на почетокот на март.

По повод ваквиот предлог, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен тогаш посочи дека тој доаѓа во време кога глутниците волци во некои европски региони „станаа вистинска опасност, пред се за добитокот“.

– Предлагаме промена на законодавството на ЕУ што ќе им помогне на локалните власти активно да управуваат со популациите на волци, притоа штитејќи ги и биодиверзитетот и нашите рурални средства за живот, нагласи Фон дер Лајен.

Предлогот на Европската комисија уследи откако Постојаниот комитет на Бернска конвенција за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта, го прифати на Амандманот на ЕУ со кој статусот на волците во документот се намалува од „строго заштитени“ во „заштитени“ животини.

Амандманот на ЕУ го поддржаа сите нејзини земји членки, како и Северна Македонија, Андора, Грузија, Ерменија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Србија, Украина и Швајцарија. Против предлогот на ЕУ се изјаснија Албанија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Монако и Црна Гора, а Тунис и Турција беа воздржани.

Усвојувањето на Амандманот, Фон дер Лајен го оцени како „важна вест за нашите рурални заедници и земјоделци“. Прифаќањето на Амандманот беше оценето и како лична победа на Фон дер Лајен, имајќи предвид дека нејзиниот пони коњ Доли угина при напад од волк во 2022 година.

Сега останува по предлогот за промена на статусот на волците да се изјасни и Европскиот парламент, што се очекува да се случи во текот на следниот месец.

Бернската конвенција, која е усвоена во 1979 година, а стапи во сила во 1982-та, е меѓународен договор под покровителство на Советот на Европа што има за цел да обезбеди зачувување и заштита на дивите растителни и животински видови и нивните природни живеалишта.

За таа цел, Конвенцијата предвидува законски обврски на страните нејзини потписнички за заштита на над 500 видови растенија и повеќе од 1.000 диви животински видови.

Статусот на заштита на волците резултира со позитивен тренд за нивната популација, чија бројност се удвои за 10 години, од речиси 11.200 во 2012 година на околу 20.300 во 2023 година.

Но, оваа континуирано зголемување на бројот на волци доведе до социо-економски предизвици, како зголемен број напади врз добитокот во земјите членки на ЕУ. Според најновите достапни податоци, се проценува дека секоја година во ЕУ волците убиваат најмалку 65.500 грла добиток.

Back to top button
Close