Радоста од меѓусебното запознавање

Големиот географски регион Македонија, кој сега се наоѓа во неколку држави, изобилува со тажни бегалски приказни. За да ги сознаеме, треба да градиме мостови меѓу нас кои се посилни од границите. Пишува Кица Колбе.

Навистина, полн со радост поради меѓусебното запознавање беше духот во кој од 11 до 12 април се одржа втората грчко-македонска конференција во Скопје. Темата беше  „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“. Овојпат организатор и домаќин беше Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ. Првата конференција се одржа на 14 декември на универзитетот во Солун, во организација на Катедрата за словенски, балкански и ориентални јазици, со што почна остварувањето на визијата за  научна и културна соработка меѓу македонските и грчките научници, уметници и интелектуалци. Затоа во Солун се говореше, пред се‘, за перспективите на културната соработка и за македонскиот јазик. Солунската конференција беше значајна бидејќи го испиша првото поглавје во соработката на двата универзитета, која до пред неколку години беше незамислива.

Тоа што со години универзитетите во двете соседни земји немаа ваква интензивна соработка се должеше на реалната, „видлива“, и на имагинарата, „невидлива“ граница меѓу двете држави и меѓу двете култури. Вторава граница беше плод на меѓусебното непознавање на двата соседа. Затоа со право  во фокусот на двете конференции беше надминувањето на границите со литературниот превод. Притоа, дека одамна имаше потреба од таква соработка говори фактот што конференцијата во Солун  траеше само еден ден, а оваа во Скопје два дена, како што и бројот на учесниците во Скопје беше двапати поголем. Во Солун имаше десетина референти од двете земји, во Скопје дваесет. Тоа беше јасен сигнал за големата  желба на научниците, писателите, лингвистите и преведувачите од двете страни на границата да се запознаат и да сведочат за своите проекти и искуства.

Ниту Рим не е изграден за три дена

Секако, двете конференции се само почетокот на посакуваната интензивна и трајна соработка, ама ниту Рим не е изграден за три дена, та затоа е важно е во кој дух се одвива соработката од првиот миг. А тој беше навистина  оној на радоста на најблиските соседи кои четири децении живееле едни крај други, не запознавајќи се, затоа што оградата која ја поставила политиката меѓу нив беше толку висока, што им спречуваше да се видат. Се разбира, Македонците и во Југославија одеа на „шопинг“ во Солун и на одмор во Халкидики, но многу ретка беше соработката на официјално ниво меѓу луѓето од културата и науката од двете земји. Еден од грчките учесници во Скопје, професорот по антропологија во Солун, Јанис Манос, уште во 2018 раскажува за германската редакција на Дојче Веле за своите дваесет години „неофицијална“ соработка со Институтот за антропологија во Скопје, затоа што официјалната тогаш уште не беше востановена. На конференцијата на балканските  студенти во 2018, тој истакна:„Нашите доживувања покажуваат дека елементите кои не‘ поврзуваат се многу побројни од оние кои не‘ разделуваат. Значи, доколку го поставиме фокусот  врз сличностите, би можеле многу поедноставно да ги надминеме проблемите кои во моментот го спречуваат  нивното надминување.”

Скопје беше домаќин на втората грчко-македонска конференција на тема „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“.
Скопје беше домаќин на втората грчко-македонска конференција на тема „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“.Фотографија: DW/A. Feilcke

Истото уверување тој го истакна и на конференцијата во Скопје. Затоа, за него, роден во Лерин, со извонредно познавање на македонскиот литературен јазик, кој во 2004 во Хамбург докторирал на темата „Визуализирање на културата: прославите со танци и политиката на идентитетот во граничното подрачје во Северна Грција,” не беше изненадување што и конференцијата  во Скопје, како и таа во Солун, започна   со песната. Впрочем, музиката е универзалниот јазик на кој не му треба превод. Таа со тоа ја разобличува секоја затворена граница како  нехумана и анахрона. На конференцијата во Скопје, тоа го потврди македонската пејачка Вера Милошевска-Јосифовска со изведбата на една грчка и една македонска песна.Иако често пишувам дека книгите паметат подолго од спомениците, а со преводот  ги преминуваат  и најзатворените граници, кога по неколку минути по првата нумера прозвучи чудесниот глас на Вера Милошевска – Јосифовска   со зборовите на песната „Разболе ми се Калина“, која мајка  ми Лета Барџиева  првпат ја испеа во соло-изведба  во седумдесеттите во Радио Скопје,  ми стан јасно дека мајка ми и сите други пејачки во групите „Бапчорки“, „Воденки“ и „Костурчанки“ пред речиси пет децении го исполнија со живот тој проект, кој  сега  ние, нивните деца и внуци, почнуваме да го  промислуваме и на научен и литературен начин. А тој проект е  надминувањето на границите со силата на творештвото, на уметноста, на преведувањето  и на колективното паметење. Кога мајка ми  по 50 години од бегството, во 1997 беше во  Бапчор, во Лерин  и во Костур, луѓето ја препознаваа, затоа што ја гледале на македонската телевизија. Ми стана јасно дека таа, со нејзината несекојдневна дарба да ги памети мелодиите на десетици песни кои ги пеела во младоста во Бапчор, уште во седумдесеттите во Југославија сведочеше дека секоја граница е немоќна да ја запре песната.

Затоа овој напис за конференцијата не  е новинарски извештај, бидејќи пишувам како јас ја доживеав. Со тоа сакам да го истакнам  оној нејзин аспект, кој не  беше видлив за учесниците што немаат егејско потекло. И конференцијата во Солун и таа во Скопје ги доживеав многу емотивно. Во есејот што го прочитав на конфернцијата пишував за копнежот на прабаба ми  по нејзината црешова градина на Вичо планина, но и за истиот копнеж по нивните црешови градини крај Црното море на „просвигите“, на грчките бегалци од Мала Азија по 1923 година. Сакав да укажам на сознанието, кое за тие што никогаш не биле бегалци често е недостапно: траумата од војните и од бегалството е секогаш иста, од двете страни на границата. Тоа ми го потврди една Гркинка на конференцијата, чија баба потекнувала од „Градот на црешите“ на брегот на Црното море, за кој зборував во есејот. Еден друг грчки колега, чии предци исто биле бегалци од Мала Азија, ми раскажа колку е значајно да сведочиме меѓусебно за траумата на нашите предци-бегалци. за жал, во националните наративи и во националните идеологии  ги нема бегалските приказни, а и кога се споменуваат, тие немаат лице. Да ги имаше, можеби и реториката меѓу соседните народи ќе беше помирољубива.

Мостови кои се посилни од границите

Имено, големиот географски регион Македонија, кој сега се наоѓа во неколку држави, изобилува со тажни бегалски приказни. За да ги сознаеме, треба да градиме мостови меѓу нас кои се посилни од границите. На ручекот во Чаршијата после конфернцијата, спроти мене седеше прекрасната поетеса од Грција, Марија Думпа, чија фамилија потекнува од селото Кајљари, а таа живее во Соботско. Таа, во еден миг, плачејќи ми ја раскажа приказната за нејзините дедо и баба, кои, откако  им биле сменети словенските имиња и презимиња со грчки, умреле со нив, без да си ги вратат словенските. А потоа јас, исто плачејќи, и‘ раскажав дека моите баби, моите родители и помлади роднини, со бегството преку границата од Грција во Југославија си ги вратија словенските, крстени имиња, но затоа ги загубија засекогаш куќите, татковината и пристапот кон гробовите на предците зад границата.

Првата македонско-грчка конференција се одржа во Солун во декември 2024 година и главно се однесуваше на перспективите на културната соработка и за македонскиот јазик
Првата македонско-грчка конференција се одржа во Солун во декември 2024 година и главно се однесуваше на перспективите на културната соработка и за македонскиот јазикФотографија: picture alliance / NurPhoto

Кога двете плачевме, грчките колеги, особено тие што имаат малоазиско потекло, не‘ гледаа со големо разбирање, затоа што од своите фамилијарни биографии ја знаеја таа приказна. Додека полека чекоревме преку Камениот мост, Марија и јас си разменувавме сеќавања за чудесно благиот јазик  на нашите бапчорски и кајљарски баби, кој е толку близок со старословенскиот. Двете сознавме во тој миг дека ние, потомците на егејскиоте бегалци насекаде во светот, но и тие Македонци кои останаа во Грција, сме мостот кој на македонските и грчките граѓани денес може да им ги покаже перспективите кои ќе помогнат еден ден да се оствари вистинско пријателство меѓу македонскиот и грчкиот народ.

Во нас одекнуваа како најнежна музика гласовите на нашите егејски роднини, кои преку нас си ги раскажуваа доживувањата  на тие кои избегаа, како моите роднини, и на тие што останаа во Грција, како роднините на Марија. Од  Залечувањето на од војната и бегалството раскинатиот биографски  континуитет, за кој пишував  на една конференција во МАНУ за „Децата бегалци” уште во  1998,  почна да се испишува во нашето срце како горешто писмо на паметењето со љубов и почит. Веројатно само неколку дена порано некој варварски го „искорнал” рељефот од споменикот на „Децата бегалци” во паркот „Жена-борец” среде Скопје. Тоа горчливо сознание уште посилно ме увери во важноста на ваквите конференции, за кои сите учесници си посакаа како план за иднината уште поинтензивна соработка. Со неа  треба да се востановат форми за  научни средби и на студентите од двете земји. Духот на мирот навидум се чини премногу кревок во однос на варварството, како тоа со споменикот среде Скопје, но тој е посилен од него, затоа што музиката, книгите, науката и творештвото се паметењето на човештвото, кое ги преживува сите војни и сите варварски дела на човечката омраза.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close