Петровска: Истрагата за Кочани е контаминирана со политички изјави – виновниците не се лоцираат правилно
Истрагата за трагедијата во Кочани е сериозно компромитирана од политички притисоци и селективни дејствија, оцени пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, во гостувањето во емисијата „Анализа“ на ТВ24.
„За жал, она што досега го гледаме е селективност. Истрагата е контаминирана и со политички изјави, и со конкретни дејствија. Таа треба да добие нова насока со цел да се идентификуваат и казнат вистинските виновници“, рече Петровска.
Според неа, дополнителен проблем е улогата што ја презеде министерот за внатрешни работи, кој, како што рече, дејствувал како да е главен обвинител. „Министерот од старт ги посочуваше виновниците, а премиерот Мицкоски веднаш даде изјава со селективен пристап – ги посочуваше едни, додека го заштитуваше градоначалникот на Кочани. А токму за него, подоцна обвинителството побара мерки и судот одреди притвор“, посочи Петровска.
Таа смета дека истрагата требало да се води поинаку – со почетен фокус врз оние кои директно имале надлежност и одговорност. „Тие луѓе требаше најпрво да бидат отстранети од работните места додека трае постапката“, заклучи Петровска.